Google ја потврди информацијата дека спроведува тестирање на нова политика за просторот за складирање податоци, преку која на дел од новите корисници им нуди 5GB бесплатен простор, наместо досегашните стандардни 15GB.
Оваа промена, која најпрво беше забележана од самите корисници преку различни форуми, сега е официјално потврдена од компанијата.
Според официјалната изјава, станува збор за експериментална фаза која се применува исклучиво при креирање на нови сметки во одредени региони. Иако Google не прецизира за кои пазари точно станува збор, првичните кориснички извештаи укажуваат дека тестирањето се одвива претежно во одредени африкански земји.
Компанијата наведува дека целта на овој чекор е одржување на висок квалитет на услугата за складирање во „облакот“, истовремено поттикнувајќи ги корисниците да ја подобрат безбедноста на своите профили и опциите за обновување на податоците. Класична корпоративна изјава кога се намалува некоја услуга.
Овој потег веројатно претставува стратегија за демотивирање на практиката каде корисниците отвораат повеќе различни сметки со единствена цел да акумулираат повеќе бесплатен простор.
Се претпоставува дека целосниот капацитет би можел да биде отклучен доколку корисникот поврзе телефонски број со својата сметка, со што би се исполнило барањето за зголемена безбедност.
За постоечките корисници, важно е да се истакне дека овој пробен период нема никакво влијание врз нивните тековни услуги. Сите кои веќе имаат отворено Google сметка и располагаат со доделените 15GB бесплатен простор, ќе продолжат да го користат тој капацитет без промени.
Засега останува непознато дали доколку тестирањето се покаже како успешно, овој намален капацитет ќе стане нов стандард за сите регистрации на глобално ниво.






































