Фото: DepositPhotos

Reddit во иднина главно ќе се користи со најава. Извршниот директор и ко-основач Стив Хафман во писмото до акционерите за третиот квартал напиша дека платформата преминува на искуство главно за најавени корисници, а промената ја објасни и во посебна објава на самиот Reddit.

Според Хафман, најавените корисници полесно ќе ги најдат содржините и заедниците што им се најважни. Тој отворено пишува дека ова е подобро и за бизнисот, бидејќи Reddit ќе има повеќе сигнали за таргетирање на рекламите. Дополнително, според него, најголемиот дел од неовластеното собирање податоци („scraping“) од Reddit се случува токму преку ненајавеното искуство, а најавата треба да помогне и во прилагодувањето кон новите регулативи.

Хафман нагласува дека за најавата не е потребно име ниту идентитет. Кој сака повеќе приватност, ќе може да го користи обновениот „incognito“ режим во апликацијата, кој е само за читање, а најавените корисници ќе можат да ја исклучат персонализацијата.

Во четвртиот квартал Reddit ќе почне во целост да ја тестира најавата во одредени пазари надвор од САД, а резултатите ќе ја обликуваат верзијата што подоцна ќе се воведе глобално. Кои се тие земји и дали меѓу нив е Македонија не е познато. Според Ars Technica, кои се повикуваат на пријави од корисници, Reddit на десктоп тестира задолжителна најава уште од летото.

Границите сепак не се дефинирани. Хафман пишува дека почетната страница треба да остане достапна без најава и дека посетителите што доаѓаат од пребарувач или преку споделен линк треба да ја видат содржината до која води линкот, но тоа ќе се одлучи по тестовите.

Во меѓувреме, посетите од пребарувачите значително паѓаат, најмногу кај ненајавените корисници и на веб. Во октомври, според Хафман, Reddit губеле во просек повеќе од еден милион посети од пребарувачите неделно, па бројот на дневни корисници во четвртиот квартал би можел да падне за „низок двоцифрен“ процент од сегашните 130 милиони, ако трендот продолжи.

Од 130,3 милиони дневни корисници во третиот квартал, 76,8 милиони не биле најавени. Ова е само последниот потег со кој Reddit ги насочува корисниците кон профил и апликација, по задолжителната проверка на профилите со „сомнително однесување“ во март и најавата што, според Ars Technica, од јули е потребна за Old Reddit.

Хафман смета дека „речиси сите големи платформи засновани на реклами“ веќе поминале низ ваква транзиција, а Reddit, како што вели, се движи брзо.

Оваа недела Reddit почна да ја воведува и „For You“ листата со препораки.