Фото: Dave2D

Познатиот YouTube канал Dave2D објави видео во кое Дејв Ли го покажува ASUS Googlebook 14, еден од првите Googlebook лаптопи. Според него, ова е најтенкиот и најлесниот Googlebook, со најмногу приклучоци, а моделот што го покажува чини 1.300 долари.

Во видеото може да се види поставувањето преку телефон со QR-код, како и поврзувањето со Android телефонот. Од лаптопот во прозорец работат апликациите од телефонот, а пристапни се и неговите датотеки и пораките. Повиците засега не работат, а за поврзувањето е потребен Android 17.

Дејв ги покажува и новите функции, како Magic Pointer, кој го „мрда“ курсорот, што тој го смета за чудно, потоа диктирањето со Rambler, креирањето виџети и Proactive Assistance, кон кој има резерва поради приватноста. Лаптопот има мат OLED екран на допир од 120Hz, тастатура што ја пофалува, USB-A и HDMI приклучоци и светлечка лента, а системот нуди и Linux околина.

Неговиот заклучок е дека хардверот е одличен, но лаптопот засега е за многу мал број корисници. Работи само со Android апликации, а според него, тие сè уште не се ни блиску до апликациите за Windows и macOS. Скептичен е и кон ветувањето на Google за 10 години ажурирања, а смета дека на цена од 600 до 700 долари приказната би била сосема поинаква.

Googlebook е новата категорија лаптопи на Google, во која вештачката интелигенција Gemini е вградена во самиот систем. Според Google, Googlebook OS е изграден врз Android и споен со десктоп основите на ChromeOS.

Првите модели ги прават Acer, ASUS, Dell, HP и Lenovo, а цената почнува од 899 долари. Се продаваат од 4 октомври во САД, а од 5 октомври и во Канада, Велика Британија, Ирска, Франција, Германија и Австралија.