Фото: OpenAI

OpenAI вчера најави нов визуелен формат на реклами за ChatGPT, кој на почеток ќе се тестира при создавањето слики. Според компанијата, ваквите реклами треба да им помогнат на луѓето да „замислат како производите и услугите би се вклопиле во нивниот живот“.

Тестирањето почнува подоцна овој месец во САД, со почетна група огласувачи чии имиња не се соопштени. OpenAI наведува дека рекламите ќе бидат јасно означени и ќе останат одвоени од сликата што се создава.

Компанијата повторува и дека рекламирањето не влијае врз одговорите на ChatGPT, исто како кај досегашните формати. Тоа сепак е тврдење на OpenAI кое корисниците ќе треба сами да го проверат.

OpenAI во февруари почна да ги тестира рекламите во САД, а во август ги прошири и во други земји. Тие се прикажуваат само на најавените полнолетни корисници на бесплатната верзија и на претплатата Go, додека Plus, Pro и деловните претплати се без реклами. Уште во февруари компанијата соопшти и дека бесплатните корисници можат да се откажат од рекламите, во замена за помалку пораки дневно.

Покрај новиот формат, OpenAI ги проширува и алатките со кои огласувачите го мерат ефектот од рекламите, па сега соработува со партнери како AppsFlyer, Adjust и Branch. Со Haus, Measured и WorkMagic ќе пробува и експерименти по географски области, иако според компанијата оваа работа е сè уште во рана фаза.

Според компанијата, ChatGPT секоја недела стигнува до 1,2 милијарди луѓе, што го прави примамлив за огласувачите. Рекламите покрај сликите веројатно ќе бидат и позабележливи за корисниците, па не е исклучено дел од нив тоа да ги поттикне да платат претплата.

Новиот формат доаѓа и набргу откако Meta ја лансираше Muse, апликација со вештачка интелигенција која е бесплатна за основна употреба и засега е достапна само во САД. Muse може да стане сериозен конкурент на ChatGPT, особено ако остане бесплатна за повеќето корисници.

Рекламите во ChatGPT од август се прикажуваат и во 31 европска земја, меѓу кои Германија, Франција, Италија и Австрија, но OpenAI не ја објави целата листа, па не е познато дали Македонија е меѓу нив.

Не е познато ни кога визуелните реклами би можеле да стигнат надвор од САД.