Фото: ЗИМ

Во периодот од 14-ти до 19-ти јули, во Клуж-Напока, Романија, успешно се одржа првото издание на Европската олимпијада по вештачка интелигенција (ЕОВИ 2026) – престижен меѓународен натпревар наменет за најталентираните средношколци од областа на вештачката интелигенција. Олимпијадата има за цел да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и вештини во областите на машинското учење, анализа на податоци, оптимизацијата и алгоритамското размислување, преку решавање на комплексни практични задачи.

На првото издание на оваа олимпијада учествуваа речиси 90 внимателно избрани ученици од 23 европски држави, како и гостински тимови (во неофицијална конкуренција) од неколку држави надвор од Европа: Алжир, Иран, Казахстан, Малезија, Порторико, Руанда, Обединетите Арапски Емирати и Виетнам. Во текот на двата натпреварувачки дена, учениците решаваа задачи кои бараа длабоко разбирање на современите методи на вештачката интелигенција, развој и тренирање на модели, како и примена на напредни алгоритамски техники. Покрај натпреварувачкиот дел, олимпијадата понуди богата едукативна и социјална програма, овозможувајќи размена на знаење и искуства и воспоставување нови соработки помеѓу младите таленти од Европа. 

Македонија на олимпијадата беше претставена со тим од Здружението на информатичарите на Македонија составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од прилепската гимназија, Тодор Пљаков од велешката гимназија, како и Андреј Ангелов и Анастасија Пецевска од државната математичко-информатичка гимназија, предводени од тим лидерите м-р Владислав Бидиков и м-р Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Македонскиот тим оствари извонреден успех, при што Благој Рујаноски СтојановскиАндреј Ангелов и Тодор Пљаков освоија бронзени медали

Фото: ЗИМ

Во изјавата на претседателот на Здружението на информатичарите, проф. д-р Миле Јованов се вели:

„Освојувањето на три бронзени медали претставува значајно меѓународно признание за квалитетот, знаењето и посветеноста на македонските млади информатичари, како и потврда за нивната конкурентност на европската сцена. За постигнување на овој успех тимот дојде подготвен, благодарение на соработката на здружението со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во рамките на новиот проект „Везилка“ кој меѓу другото работи и на зголемување на базата со таленти во областа на вештачката интелигенција. Подготовките опфатија интензивна работа на задачи од областа на вештачката интелигенција, алгоритмите и машинското учење, овозможувајќи им на учениците да стекнат знаења и искуство неопходни за успешно претставување на Македонија на ова престижно европско натпреварување.“

Европската олимпијада по вештачка интелигенција (ЕОВИ) претставува исклучително значајна иницијатива која има за цел да го поттикне интересот на младите за најсовремените технологии и да придонесе кон создавање нова генерација истражувачи, инженери и иноватори во областа на вештачката интелигенција. Преку вакви натпревари се промовираат знаењето, креативноста и меѓународната соработка, а младите добиваат можност да се натпреваруваат и да учат во исклучително мотивирачка средина.

Веб страна за настанот: https://euroai-official.org.