Фото: Samsung

Samsung денес го организира новото издание на Galaxy Unpacked, овој пат во Лондон. Настанот е втор по ред оваа година, по претставувањето на серијата Galaxy S26 во почетокот на 2026-та, а летното издание традиционално е резервирано за уредите на преклоп и паметните часовници. 

„Преносот“ ќе биде достапен преку Samsung.com, Samsung Newsroom и официјалниот YouTube канал на компанијата, со почеток во 15:00 часот по македонско време.

Најавите и неофицијалните информации упатуваат на три нови модели на уредите на преклоп, односно Galaxy Z Fold8, Galaxy Z Fold8 Ultra и Galaxy Z Flip8. Дополнително, Galaxy Z Fold8 воведува нов, пошироки формат на преклопување, различен од дизајнот што досега го користеше „Fold” серијата. 

Се очекува и технологија наречена Flex Titanium, која треба да ги зајакне екраните и да ја намали видливоста на линијата на преклоп на внатрешниот екран.

Покрај телефоните, Samsung се очекува да претстави и нови паметни часовници, Galaxy Watch Ultra 2 и наследникот на стандардниот Galaxy Watch, а не е исклучено да видиме и нови слушалки. 

Компанијата веќе неколку изданија по ред го користи секој Unpacked настан за да додаде нови можности во Galaxy AI, па овој пат не се очекува исклучок.

Дополнително, постои шанса Samsung да покаже краток преглед на паметните очила што ги развива во соработка со Google, Warby Parker и Gentle Monster. Јасно е дека компанијата останува тивка околу деталите за тој производ, а не е познато дали воопшто ќе биде спомнат на денешниот настан.