Фото: The Virtual OS Museum

Unix вчера одбележа 55 години, барем според датумот што дел од заедницата го слави како негов роденден. На 3 ноември 1971 година е датирано првото издание на „Unix Programmer’s Manual“, прирачникот за системот што Кен Томпсон и Денис Ричи го развиваа во Bell Labs.

Самиот развој сепак започнал две години порано. Откако Bell Labs се повлече од проектот Multics, Томпсон во 1969 година почна да пишува нов систем на малку користен компјутер PDP-7, а Ричи наскоро му се приклучи. Поради ова, прирачникот од 1971 година повеќе е првиот документиран Unix отколку моментот кога тој настанал.

Во тоа време системот веќе работел на PDP-11/20 со 24 KB меморија и сè уште бил напишан во „assembly“. Ричи подоцна запишал дека во прирачникот ги нема ниту „pipes“ ниту „grep“, а јазикот C допрва требаше да дојде. Дополнително, Ричи немал оригинален примерок од првото издание, па денешната верзија е скенирана фотокопија од примерокот на нивниот колега Џо Осана.

Пресвртот дошол во 1973 година, кога јадрото на Unix било препишано во C, јазикот што Ричи го развил. Тоа го отвори патот системот да се пренесува на други компјутери, а токму преносливоста е причината поради која Unix подоцна се рашири по универзитетите и компаниите.

Томпсон и Ричи заедно ја добија наградата „Turing“ во 1983 година, а подоцна и американскиот Национален медал за технологија. Ричи почина во октомври 2011 година, на 70 години, само неколку дена по Стив Џобс, па неговата смрт тогаш доби многу помалку внимание. Томпсон подоцна работеше во Google, каде што беше еден од авторите на јазикот Go.

Денешните системи ретко го содржат оригиналниот код, но ги носат идеите на Unix. Јадрото на macOS го наследува кодот од BSD, една од гранките на Unix, додека Linux, кој неодамна наполни 35 години, е напишан од нула според истите принципи и денес работи на повеќето сервери и преку Android, на мобилните уреди.

„Алатките што ги изгради Денис и нивните директни наследници го движат речиси сè денес“, изјави за The New York Times нивниот колега Брајан Керниган по смртта на Ричи.

Јадрото на првото издание, инаку, е повторно оживеано во 2008 година, кога тим предводен од Тим Њусам и Ворен Туми го врати во работа од хартиен отпечаток на кодот, а системот денес се стартува на емулатор. Оние што сакаат да видат како изгледале старите системи, може да го посетат и виртуелниот музеј на оперативни системи.