Фото: Apple

Најновата генерација од мобилниот чип на Apple, A20 Pro, кој беше претставен со новите iPhone 18 Pro и iPhone Duo, покажува забележителен скок во перформансите. 

Изработен со технологија од 2 нанометри, овој чип постави нов рекорд во алатката за тестирање Geekbench 7. Со архитектонски подобрувања и работни фреквенции кои достигнуваат до 4.93 GHz, новиот процесор испорачува моќност која ги поместува границите на мобилната индустрија.

Она што особено привлекува внимание е споредбата со најмоќните десктоп процесори достапни на пазарот. Според првичните резултати, A20 Pro го надминува Intel Core i9-14900KS за 32% во перформанси на едно јадро. Слична е ситуацијата и со конкуренцијата од AMD, каде што мобилниот чип на Apple е за 26% побрз од моделот Ryzen 9 9950X3D во истите услови на тестирање. 

Иако десктоп процесорите и понатаму ја задржуваат предноста кај задачите кои бараат ангажирање на сите јадра истовремено, моќта на A20 Pro е повисока дури и од онаа на стандардните процесори за лаптопи.

Напредокот е очигледен и кога процесорот ќе се спореди со неговиот претходник. Во Geekbench 7, A20 Pro освојува 4006 поени за едно јадро и 11460 поени за повеќе јадра. Ова претставува подобрување од 23,3% за единечни и 27,1 отсто за повеќекратни процеси во однос на минатогодишниот модел A19 Pro. 

Овој генерациски скок е најголем во последните неколку години за процесорите на компанијата, а секако доаѓа поради новата 2 нанометарска архитектура. 

Доминацијата продолжува и во рамките на мобилниот екосистем. Во тестирањата на едно јадро, новиот чип на Apple е за повеќе од 31% побрз од неговите најблиски ривали, како што се Qualcomm Snapdragon 8 Elite Gen5 и Xiaomi XRing O3. Разликата е уште поизразена при споредба со останатите конкуренти, при што A20 Pro е речиси двојно побрз од Google Tensor G5 и нуди за 76% подобри перформанси од MediaTek Dimensity 9400.

За крајните корисници, овие бројки не значат многу, барем не за повеќето, а за тие кои навистина ја користат максимално моќта на нивниот уред, новиот чип дефинитивно ќе биде привлечен. 

Иако првичните резултати секогаш треба да се земат со одредена резерва додека не се потврдат во пракса, очигледно е дека новиот процесор е дизајниран да понуди врвно искуство без компромиси во брзината при секојдневната работа.