Microsoft почна да ги воведува новите „контекстуални“ менија во Windows 11, односно менијата што се отвораат со десен клик врз датотека, папка или празен дел од екранот. Тие се дел од опционалната надградба KB5127936, објавена на 28 октомври за верзиите 25H2 и 26H2 на системот.
Според Microsoft, новото мени е „побрзо, поедноставно и може повеќе да се прилагоди“. Компанијата вели дека се отвора побрзо, има помалку непотребни ставки и дава поголема контрола врз командите и додатоците од апликациите, но не објави конкретни бројки за брзината.
Најголемата новост е опцијата „Customize menu“ на дното на менито, која води до посебна страница во „Settings“. Таму може да се вклучат или исклучат вградените команди како „Send to“ и „Create shortcut“, да се додаде „Print“ и да се избере кои додатоци од апликациите ќе стојат во главното мени, а кои во подмени или подменито целосно да се сокрие.
Дополнително, командите „Cut“, „Copy“, „Paste“, „Rename“, „Delete“ и „Share“ може да се прикажат како обични ставки во листата, наместо како ред со икони на врвот, што е распоредот на кој се навикнати корисниците на Windows 10. „Properties“ пак може да се премести на дното на менито.
Тие што не сакаат ништо да менуваат не треба да прават ништо, бидејќи основните поставки работат сами. За повеќе опции, според Microsoft, се држи „Shift“ при десен клик на работната површина.
Ова е резултат на најавата од јуни, кога од Microsoft потврдија дека работат на побрзи и поедноставни менија. Новото мени потоа беше тестирано кај учесниците во програмата Windows Insider од средината на август, а Microsoft во таа објава го поврзува менито со заложбата за подобар квалитет на Windows 11 од оваа година.
Истата надградба носи и неколку подобрувања во File Explorer, меѓу кои темен режим во прозорецот „Folder Options“ и поуреден приказ на резултатите од пребарувањето, како и новата опција „Cloud rebuild“, која го реинсталира Windows 11 со слика и „драјвери“ преземени преку Windows Update.
Сепак, новите функции стигнуваат постепено, па не мора да се појават веднаш, дури и по инсталацијата. Надградбата е опционална и се инсталира рачно во „Settings“, во делот Windows Update, под „Advanced options“ и „Optional updates“, а според Windows Central може да помогне и вклучувањето на опцијата за добивање на најновите ажурирања штом ќе станат достапни.
Според Windows Latest, промените ќе стигнат и со задолжителната ноемвриска надградба, но Microsoft не кажува кога постепеното воведување на менито ќе заврши кај сите.







































