Фото: DepositPhotos

Американската компанија Veradermics објави позитивни резултатиод третата фаза на клиничкото испитување на VDPHL01, таблета против наследната ќелавост кај мажите. Станува збор за миноксидил со продолжено ослободување, супстанција што веќе се користи како средство за на скалпот, а првично е развиена како лек за висок крвен притисок.

За разлика од потенцијалниот лек за ќелавост за кој пишувавме пред повеќе години, а кој беше откриен случајно кај глувци, овде станува збор за испитување на луѓе во последна фаза. Во испитувањето, познато како Study ‘304’, учествувале 536 мажи со благ до умерен облик на ќелавост. Во првиот дел, кој траел шест месеци, тие земале 8,5 mg VDPHL01 еднаш или двапати дневно, или плацебо, а испитувањето продолжува.

Според компанијата, кај групата што ја земала таблетата еднаш дневно бројот на влакна во просек се зголемил за 28,6 на квадратен сантиметар, а кај групата со две дози за 36,4. Кај плацебото зголемувањето било 6,6 влакна. Оценка „подобрено“ или „многу подобрено“ за покриеноста со коса дале 55,7% и 68,7% од учесниците со таблетата, наспроти 15% кај плацебото.

Veradermics наведува дека лекот добро се поднесувал, без сериозни несакани ефекти поврзани со третманот и без забележани срцеви несакани ефекти од посебен интерес. Сепак, кај групата со две дози 9% добиле засилен раст на влакна и на други делови од телото, а 4,5% отекување на нозете или рацете, наспроти 2,2% и 2,8% кај групата со една доза. Ова се првични резултати што ги соопшти самата компанија.

Таблетите со миноксидил не се сосема нова идеја, бидејќи лекарите веќе подолго препишуваат мали дози од обичниот миноксидил против опаѓање на косата, иако тој не е одобрен за оваа намена. Veradermics тврди дека нејзината формула ги избегнува високите врвни концентрации на обичните таблети, што треба да го намали ризикот за срцето.

Резултатите се слични на оние од претходното испитување со 519 мажи, објавени во април. Според компанијата, двете испитувања заедно ја поддржуваат можноста VDPHL01 да стане првата таблета против наследна ќелавост одобрена од FDA во речиси 30 години. Сепак, барањето за одобрение сè уште не е поднесено, а Veradermics не соопшти кога ќе го направи тоа.

До крајот на годината компанијата очекува податоци за безбедноста по 12 месеци употреба, а резултатите од посебното испитување кај 556 жени се очекуваат во првата половина од 2027 година.

Испитувањата се спроведуваат во САД, а компанијата засега зборува само за американскиот пазар. Не е познато дали и кога лекот би бил достапен во Европа или кај нас.