Apple минатата недела официјално стана дел од пазарот на уредите на преклоп, седум до осум години подоцна од претставувањето на првиот ваков уред, нешто што сепак е согласно стилот на компанијата.
iPhone Duo, со оглед на големиот број на неофицијални информации, е во рамките на очекувањата, а тоа што беше ново и повторно типично за Apple, е одличната имплементација на софтверот за новиот формат.
Веќе почнуваат проценките дека ова е најдобриот уред на преклоп на пазарот, а секако тука се и првите копирања на дел од функциите, како и критиките дека уредот не носи ништо посебно за годините на доцнење.
Без разлика на сите овие коментари, познато е влијанието на пазарот кое го има Apple, па очекувањата се дека после седум години и околу 2% пазарен удел, сега доаѓа времето на уредите на преклоп.
Секако, голем фактор во популаризирањето на ваквите уреди ќе има и развојот на технологијата, но факт е дека поголемиот дел може да се препише на Apple.
На оваа тема пишува Марк Гурман и негов е заклучокот дека iPhone Duo ќе ги направи уредите на преклоп во новото нормално.
Тој статијата ја започнува со пофалба до Тим Кук, кој можел да почека уште една недела и да го предаде директорското место по претставувањето на iPhone Duo, но сепак тој ја има ставено Apple на првото место, па честа му ја остави на новиот директор, Џон Тернус.
Гурман смета дека iPhone Duo ќе биде споменуван заедно со iMac од 1998, iPod од 2001, iPad од 2010 и Apple Watch од 2015.
Во основа, тој смета дека ова е навистина голема новина од страна на Apple, а најверојатно и логично заклучува дека после години на чекање на нешто ново од компанијата, iPhone Duo е тоа.
Очекувањата на доста луѓе беа дека на ред е некој уред кој ќе го замени iPhone, но Apple се реши за еволуција на телефонот во нешто што ќе биде иднината на телефоните.
Со тоа Гурман сака да каже дека ќе поминат уште доста години додека корисниците се тргнат од навиката да користат уреди со екран, без разлика на појавата на уреди со вештачка интелигенција. Уред кој е со големина на помал таблет, а може да се носи во џебот, навистина е нешто што е корисно.
Очекувањата на Гурман се дека во наредните десет години, поголемиот дел од продажбата на телефони ќе биде во форма на вакви уреди, а дефинитивно тоа не е нешто што е тешко да се замисли.
Веќе од наредната година, со втората генерација од iPhone Duo, може да се очекува средување на дел од недостатоците, а тука е и можноста за поголем екран, поголема батерија, дополнителна камера и слично.







































