Фото: Canonical

Canonical повторно го започна развојот на Ubuntu Core Desktop, „immutable“, односно „непроменлива“ верзија на Ubuntu за десктоп компјутерите. Проектот беше претставен како пробна верзија за програмери во 2023 година, но оттогаш стои во место, а сега на него работи посебен тим, според објавата на Џон Сигер, потпретседател за инженеринг во Canonical кој го води развојот на Ubuntu.

Ubuntu Core речиси десет години се користи кај IoT уреди, вградени системи и роботи. Кај него сè е спакувано како snap пакет, од „bootloader“-от и јадрото до графичката околина и апликациите. Според Canonical, ова значи систем кој потешко се расипува, полесно се враќа во исправна состојба и му дава на корисникот поголема контрола врз тоа до кои податоци пристапуваат апликациите.

Сигер признава дека верзијата од 2023 не ја исполнила оваа визија, бидејќи голем дел од десктопот, вклучително GNOME, а во раните верзии дури и Firefox, бил спакуван во еден пакет. Сега целта е десктопот да се подели на модули кои ќе се ажурираат независно, без целиот систем да се гради одново при секоја промена.

Тимот првично ќе се фокусира на три употреби: компјутер кој главно служи за прелистување, работна станица за програмери и уреди за игри како Steam Deck. Програмерите би работеле во изолирани околини преку Canonical Workshop, што според Сигер е корисно и за одвојување на AI агентите за програмирање од остатокот на системот.

Canonical повторно соработува со тимот на KDE Neon Core и компанијата enioka Haute Couture, а Сигер вели дека Core Desktop не треба да биде ограничен само на GNOME.

Еден од главните предизвици е што сите апликации мора да бидат строго изолирани snap пакети. Во Snap Store има над 11.000 пакети, од кои повеќето работат на Ubuntu Core, но популарни програми како Visual Studio Code засега не можат директно да се користат. За нив, како и за апликациите од apt, Flatpak и nix, Canonical планира решенија преку контејнери и виртуелизација.

Датум за објава нема. Во наредните недели Canonical треба да ја подготви инфраструктурата за постојано тестирање и дневно градење на системот, а во текот на следниот развоен циклус тимот ќе работи на поделбата на модули.

Сигер нагласува дека сегашниот Ubuntu Desktop не исчезнува, а во коментарите појасни дека од официјалните варијанти на Ubuntu не се очекува да прават Core верзија. Сепак, долгорочната цел е Core Desktop да стане стандардното Ubuntu искуство.

Слична насока веќе следат SteamOS и дистрибуциите базирани на Fedora, како Bazzite, а изборот на snap веројатно ќе отвори дебата, бидејќи snap пакетите се една од главните критики поради кои Fedora сè почесто се препорачува наместо Ubuntu.