Microsoft и Ookla најавија проширување на нивното стратешко партнерство, преку кое платформата за мерење на мрежните перформанси, Speedtest, станува интегриран дел од екосистемот на Windows и пребарувачот Bing.
Оваа интеграција се базира на технологијата Speedtest Web SDK, овозможувајќи им на корисниците пристап до дијагностика на мрежата директно од корисничкиот интерфејс на самиот оперативен систем, како и преку сервисите за пребарување на компанијата.
Со оваа промена, тестирањето на брзината на интернетот станува значително поедноставено и попрактично за крајните корисници. Наместо досегашната практика на отворање интернет прелистувач и рачно посетување на сервис за мерење, корисниците на Windows 11 ќе можат да извршат проверка преку системската лента.
Тестот ќе биде достапен преку десен клик на иконата за мрежа или преку менито за брзи поставки за безжична и мобилна конекција.
Можноста за тестирање на брзината на интернет конекцијата стана дел од Windows 11 оваа година, но истата не донесе директна интеграција, па беше само обичен линк од Bing алатката.
Сепак, од тоа што може да се види е дека и новата интеграција е преку интернет прелистувач, но со подобра интеграција, а ќе видиме дали во иднина ќе биде подобрена.
Ваквиот потег претставува логично продолжување на соработката, по претходното интегрирање на Speedtest во пребарувачот Bing кон крајот на 2023 година.
Според официјалните информации од компаниите, новата функционалност во рамките на оперативниот систем првично им е достапна на корисниците во тест програмата Windows Insider.










































