Microsoft објави промени во својата Windows Insider програма, со цел да го поедностави процесот на тестирање и да одговори на повратните информации од корисниците.
Досегашната структура од три канали се намалува на два основни канали, Experimental и Beta, со што се воведува појасна поделба на функциите кои се во рана фаза на развој и оние кои се поблиску до финално издание.
Досегашните канали Dev и Canary се спојуваат во новиот Experimental канал, додека Beta каналот останува, но со изменети правила за испорака на новите можности.
Последната поголема ваква „реорганизација“ на Windows Insider програмата беше направена во 2020 година, кога беше и воведен системот со канали.
Промена нема да има кај каналот Release Preview кој може да се каже дека беше четвртот канал досега, а останува и со најавените промени. Овој канал во основа е за верзиите од Windows кои се веќе подготвени за масовно пуштање, па корисниците кои сакаат нешто порано да ја добијат најновата верзија, тоа можат да го направат преку овој канал.
Една од најважните промени за корисниците во Beta каналот е укинувањето на постепеното воведување на функциите. Тоа значи дека штом компанијата најави одредена нова можност во Beta верзијата, сите корисници кои ќе ја инсталираат таа верзија веднаш ќе ја добијат функцијата на своите уреди, без досегашното чекање за активација, односно без познатото „A/B тестирање“.

Од друга страна, за корисниците во Experimental каналот воведена е нова секција во поставките наречена Feature flags. Таа овозможува рачно вклучување или исклучување на специфични функции кои се во фаза на развој, давајќи им на тестирачите поголема контрола врз она што сакаат да го користат на своите системи.
Дополнително, се решава и еден од најголемите предизвици при напуштањето на програмата или менувањето на каналите. Наместо досегашната потреба за чиста инсталација, Microsoft воведува можност за директна надградба на самото место која ги зачувува апликациите, поставките и податоците на корисникот.
Иако овој процес може да трае малку подолго од стандардното ажурирање, тој значително го олеснува преминувањето кон постабилни канали или целосното излегување од програмата.
Промените се проследени и со целосно редизајнирана страница за поставки во оперативниот систем, која сега нуди побрзо вчитување и попрегледен интерфејс.











































