Фото: Google

Google ја воведе можноста за генерирање слики во својата платформа Google Earth преку користење на моделот Nano Banana 2. Новата алатка им овозможува на корисниците да комбинираат реални сателитски, воздушни и 3D снимки со вештачка интелигенција за да креираат визуелни концепти поврзани со конкретни локации. 

Функцијата се користи директно преку веб верзијата на Google Earth, каде што по избирање на одредено место на мапата и активирање на опцијата за креирање слика, корисникот внесува текст со опис на она што сака да го види.

Примената на оваа технологија опфаќа различни едукативни и информативни сценарија. Наставниците и студентите можат да визуализираат историски локации, како на пример трансформација на денешните урнатини на Помпеја во приказ на градот од 78 година. 

Покрај историските реконструкции, алатката овозможува и создавање информативни графикони за познати знаменитости. Со внесување барање за приказ на Статуата на слободата, моделот Gemini пребарува релевантни историски податоци, додека Nano Banana за неколку секунди генерира визуелен график со клучните факти.

Видео: Google

За професионалните корисници, како архитектите и урбанистите, функцијата нуди можност за изработка на визуелни планови за недвижнини. Празен простор во Токио може да се прикаже како трговска зона со отворени површини, што им помага на клиентите полесно да го согледаат крајниот проект. 

Покрај професионалната употреба, корисниците можат да планираат лични градежни проекти, како визуелизација на модерна колиба покрај езеро, како пример што го користат од Google или да експериментираат со футуристички концептуални трансформации на постоечки локации.

Според информациите од компанијата, генерирањето слики со помош на Nano Banana е глобално достапно за сите корисници на веб верзијата на Google Earth. За да се искористи новата функција, потребно е само да се пристапи до платформата, да се избере саканата локација на мапата и да се започне со внесување текстуални инструкции.