Фото: Unsplash

Претставувањето на првиот уред на преклоп пред осум години не ја донесе „големата револуција“ која очекував дека ќе се случи, а популарноста на овие уреди остана под таа на „обичните“. 

Иако оваа ситуација е очекувана во голем дел и од цената на уредите на преклоп, сепак, голем фактор е и нивната реална функционалност, кратко кажано. 

Високиот и тесен екран кој се отвора во исто така чуден формат, заедно со послабите камери, очекувано влијаеше за тоа уредите на преклоп да не можат да надминат одредена граница на број на корисници. 

Како што се подобруваа карактеристиките на овие уреди, можевме да видиме и подобрување на бројот на корисници, а оваа година изгледа дека имаме и рекордна бројка. 

Информацијата за жал не е официјална, па доаѓа од X корисникот @TheGalox_, кој тврди дека Galaxy Z Fold8 серијата, а тука мисли на сите нови уреди на преклоп, имаат три пати поголем број на преднарачки во споредба со ланските модели. 

Уште поголемо внимание привлекува неговото тврдење дека оваа серија е на пат да го надмине бројот на преднарачки на Galaxy S26 серијата, нешто што досега се нема случено. 

Мое мислење е дека причината за ова е претставувањето на новиот формат кај Galaxy Z Fold8, иако Samsung малку непотребно ја „утна“ работата со имињата на уредите. 

Наследник на ланскиот Galaxy Z Fold7 не е Galaxy Z Fold8, туку Galaxy Z Fold8 Ultra, па сигурен сум дека корисниците кои не се баш во тек, нема веднаш да им биде јасно кој уред е кој. 

Како и да е, Galaxy Z Fold8 доаѓа со понизок и поширок надворешен екран, што му овозможува да се користи како класичен мини таблет кога е отворен, односно има формат кој има логика. 

Интересно е што Samsung се реши за овој формат на неколку месеци пред влезот на Apple на овој пазар, а сите досегашни гласини укажуваат на тоа дека iPhone Ultra ќе дојде со форматот на Galaxy Z Fold8. 

Привлечноста на уредите на преклоп, посебно кога се доволно тенки и со добар формат, не е во можноста да замени таблет компјутер, за тие кои сепак сакаат да имаат таков уред. Привлечноста е во можноста да се заврши посериозна работа во движење, како и да се гледаат слики и видеа на поголемиот внатрешен екран. 

Останува да видиме во септември како ќе изгледа првиот iPhone на преклоп и каква ќе биде неговата популарност.