Фото: Libertix

Инсталирањето на Linux покрај Windows сè уште значи подготовка на USB, менување на поставките при стартување и рачно делење на дискот. Libertix е бесплатна апликација за Windows 10 и 11 која сето ова сака да го направи наместо корисникот, а вчера ја доби верзијата 0.4.

Корисникот ја избира дистрибуцијата, колку простор ќе ѝ даде и го внесува корисничкото име и лозинката. Libertix потоа го намалува делот на Windows, ја презема и проверува дистрибуцијата, а по едно рестартирање Linux се инсталира сам. На крајот при секое вклучување се појавува мени за избор меѓу Linux и Windows.

Засега може да се инсталираат само Linux Mint 22.3 со Cinnamon и Zorin OS 18.1 Core. Дополнително, апликацијата може да ги поврзе двата системи, па папките од Windows се гледаат во Linux, а Linux датотеките во Windows, но само за читање. Новата верзија по избор пренесува и дел од поставките на Windows и зачуваните Wi-Fi мрежи.

Апликацијата ја развиваат програмерот Félix и Ekimia, француска фирма што продава компјутери со Linux, а развојот се финансира и со помош на донации. Кодот е отворен, а авторите кажуваат дека дел од него е пишуван со помош на вештачка интелигенција, особено Codex, но дека секоја промена ја прегледува човек.

Според програмерите, пред да се допре дискот, Libertix проверува дали компјутерот е поддржан, а ако инсталацијата не успее или се откаже, го враќа Windows во претходната состојба. Сепак, апликацијата менува партиции и начинот на стартување на компјутерот, па и самите програмери бараат резервна копија од важните податоци. Апликацијата одбива да работи и на дискови со некои RAID поставки, а дискот шифриран со BitLocker мора прво да се дешифрира, што Libertix може да го побара самата.

Проектот е во рана фаза, а на GitHub има пријави за црн екран по инсталацијата, кој е поправен, но и за враќање кое запнало и програма која воопшто не се стартува. „.exe“ датотеката сè уште нема дигитален потпис, а во август VirusTotal претходна верзија ја означил како „Trojan“. Според соработник на проектот, тоа го направиле три од 70 антивируси, а авторите велат дека е лажна тревога и ветуваат потпис.

Вакво нешто не е ново, бидејќи Ubuntu пред повеќе години имаше слична алатка Wubi. Оваа година, по крајот на поддршката за Windows 10, сепак има повеќе корисници кои би можеле да го пробаат Linux без да се откажат од Windows.