Федералниот суд во Делавер донесе привремена одлука во спорот за трговски марки помеѓу X и стартапот Operation Bluebird, кој се обиде да пушти нова конкурентна социјална мрежа користејќи го името Twitter, односно истото веќе го направи, иако доста кратко.
Американскиот окружен судија Колм Ф. Коноли пресуди во корист на X, забранувајќи му на стартапот да го користи името Twitter.now за својата платформа, со што ја заштити основната трговска марка.
И покрај забраната за главното име, судот го одби барањето на X за заштита на терминот „tweet“ и препознатливото лого со сината птица. Судијата оцени дека компанијата X веројатно доброволно се откажала од овие заштитни знаци по нејзиното ребрендирање и дека нема намера повторно да ги користи.
Како одговор на оваа одлука, стартапот од Вирџинија веднаш ја ребрендираше својата веб страница во Tweet.app и ја отвори за ран пристап на јавноста.
Проектот е предводен од двајца правници, вклучувајќи и поранешен адвокат за трговски марки во Twitter. Тие отворено истакнуваат на нивната почетна страница дека целта е да ги преземат вредните брендови кои Eлон Маск ги отфрли при транзицијата кон платформата X.
Според компанијата, над 172.000 луѓе веќе побарале корисничко име пред лансирањето. За резервација на профил и приклучување кон мрежата, стартапот наплаќа 20 долари, средства кои најверојатно помагаат во покривање на нивните судски трошоци.
Претставниците на Operation Bluebird сметаат дека терминот „твит“ преживеал само затоа што јавноста никогаш не престанала да го користи и покрај повеќегодишните обиди на компанијата да го замени, што укажува на тоа дека зборот им припаѓа на корисниците.
Оваа судска одлука е само прелиминарна, а правниот процес ќе продолжи за да се утврди дали компанијата X конечно ќе ги изгуби правата врз останатите трговски марки поврзани со стариот бренд.







































