Фото: DepositPhotos

Apple планира да воведе значајно подобрување во својата Wallet апликација со доаѓањето на iOS 27, овозможувајќи им на корисниците поголема контрола врз дигитализацијата на нивните физички документи и картички. 

Според новите информации, следната надградба на софтверот ќе содржи алатка преку која секој корисник ќе може сам да креира дигитални верзии за картички за лојалност, членства во спортски клубови или други видови пропусници. 

Сега, додавањето на картички во Wallet може да се направи само преку апликации кои имаат поддршка за истото, па корисниците не можат да ги додадат сите нивни картички, а посебно локалните картички за лојалност. 

Оваа функција е насочена кон пополнување на празнината кај оние бизниси и локални даватели на услуги кои сè уште немаат имплементирано официјална поддршка за платформата на Apple.

Процесот на креирање на овие картички ќе се базира на скенирање на постоечките баркодови или QR кодови од физичките картички, по што корисникот ќе може рачно да ги внесе потребните информации, како што се името на брендот и соодветната категорија. 

Со овој потег, Apple директно ги елиминира потребите од користење на апликации од трети страни, кои досега беа често користени како преодно решение за чување на картичките кои не го поддржуваат Wallet стандардот. 

Покрај практичноста, компанијата става акцент и на унифицираниот визуелен идентитет на сите елементи во апликацијата, со што се подобрува прегледноста при секојдневното користење.

За крајните корисници, оваа новина значи дополнително олеснување во напорите за целосно заменување на класичниот паричник со паметен телефон или часовник.