Фото: Zulfugar Karimov / Unsplash

Google преку својот блог за поддршка објави дека ја проширува достапноста на функцијата „слика-во-слика“ за корисниците на YouTube. Оваа функционалност, која претходно беше ограничена главно на претплатниците на YouTube Premium или на специфични географски региони, сега постепено ќе биде овозможена за поголем број корисници кои ја користат бесплатната верзија на сервисот.

Функцијата овозможува репродукцијата на видеото да продолжи во мал, „лебдечки“ прозорец на екранот дури и кога корисникот ќе ја минимизира апликацијата за да отвори други апликации на својот уред. 

За бесплатните корисници оваа функција сепак е ограничена на гледање долги видеа, но не и музички видеа. Ова стана стандардно ограничување кое е очекувано, а од компанијата „мора“ да им понудат повеќе функции на тие што плаќаат претплата. 

Проширувањето на оваа можност претставува практично подобрување за секојдневното користење на платформата, олеснувајќи го мултитаскингот кај корисниците. 

Ова е особено корисно при следење едукативни видеа, поткасти или подолги информативни содржини додека паралелно се извршуваат други задачи на паметните телефони и таблетите.

Ажурирањето се спроведува етапно од страна на серверите на Google. Тоа значи дека промената се одвива постепено и може да помине одреден период пред функцијата да стане целосно активна за сите корисници преку соодветните верзии на апликацијата за оперативните системи Android и iOS. 

Корисниците не треба да преземаат дополнителни чекори освен редовно да ја ажурираат својата апликација.