Познатиот дизајнер на видеоигри Џонатан Блоу неодамна предизвика дебата откако објави дека престанал да ја користи една од најпознатите апликации, VLC, на Windows поради значително забавување.
Според неговото искуство, на софтверот му биле потребни околу 33 секунди за да започне со репродукција на обична MP3 датотека, што го натерало да премине на алтернативното решение од Microsoft. Тој го искористи овој пример за да го критикува целокупниот екосистем на софтвер со отворен код, посочувајќи дека голем дел од него се наоѓа во лоша состојба.
На овие тврдења реагираше официјалниот тим зад VLC, кој појасни дека доцнењето не е резултат на софтверска грешка во самиот „плеер“, туку е несакана последица од „баг“ по неодамнешно ажурирање на Windows 11 и неговата вградена заштита Microsoft Defender.
Овој безбедносен софтвер го става во карантин кешот за приклучоци на VLC, што директно го оневозможува брзото стартување на медиумските датотеки. Дека проблемот е специфичен исклучиво за платформата на Microsoft потврдија и корисници на Linux, кои преку видео снимки демонстрираа дека на нивните системи „плеерот“ ги отвора истите датотеки за само една до две секунди.
За надминување на овој проблем, развивачите на VLC им препорачуваат на корисниците регенерирање на кешот преку стартување на програмата со соодветна команда за ресетирање, бришење на податоците од корисничкиот профил или целосна реинсталација на софтверот од официјалната верзија.
Сепак, заедницата на крајни корисници откри уште поефикасно заобиколно решение кое го третира самиот извор на проблемот. Со додавање на извршната датотека на VLC во листата на исклучоци на Microsoft Defender, софтверот повторно функционира нормално и без никакви одложувања при репродукцијата, со што се спречува повторно собирање на кешот и ново забавување на системот.








































