Фото: LG Display

LG Display оваа недела е во Лос Анџелес, каде на SID Display Week 2026 ги претставува своите најнови OLED технологии под темата „OLED Evolution for the AI Era”. Настанот се одржува од 5 до 7 мај, а компанијата го искористи моментот за прв пат јавно да ја покаже третата генерација од сопствената Tandem OLED технологија.

Tandem OLED не е новина, а LG Display ја комерцијализираше уште во 2019 година. Принципот е едноставен: наместо еден слој органски материјали што емитираат светлина, се ставаат повеќе слоеви еден врз друг, со што се добива поголема осветленост и подолг век. 

Третата генерација сега носи 18% помала потрошувачка и повеќе од двојно подолг век во споредба со претходната.

Првиот панел од трета генерација е наменет за автомобилската индустрија, па спецификациите се насочени кон издржливост, до 1.200 нити осветленост и над 15.000 часа работа на собна температура без видлива деградација. 

Масовното производство е планирано за оваа година, а потоа технологијата ќе се прошири и кон IT сегментот.

Интересен дел од настапот е и P-OLED решението наменето за хуманоидни роботи. Идејата е дека истата технологија што преживува автомобилска кабина во лето, може да преживее и робот што работи во индустриска средина.

На страната на телевизорите, OLED TV-плочата со Primary RGB Tandem 2.0 технологија постигнува врвна осветленост од 4.500 нити и рефлексија од само 0,3%. 

Гејминг секторот добива 27-инчен OLED со 720Hz освежување, како и првиот 39-инчен 5K2K закривен OLED во светот. За AI лаптопите е подготвен 16-инчен Tandem OLED што продолжува траење на батерија до 2,3 часа.

Јасно е дека LG Display нема намера да ја испушти позицијата на лидер во OLED, особено во моментот кога Samsung Display агресивно ги турка QD-OLED панелите, а кинеските BOE и Visionox се обидуваат да го стеснат јазот.