Discord објави дека целиот процес на воведување на „од-крај-до-крај“ шифрирање за аудио и видео повиците официјално е завршен. Од почетокот на март 2026, секој повик во апликацијата, без разлика дали станува збор за преку директните пораки, групни разговори, гласовни канали или Go Live стримови, автоматски е шифриран преку DAVE протоколот.
Ова е продолжение на повеќегодишниот процес кој започна со најавата во септември 2024, кога компанијата првпат го претстави DAVE како отворен и независно ревидиран протокол за шифрирање на повиците. Во меѓувреме, тимот ја прошири поддршката од десктоп и мобилни уреди на сите останати платформи, вклучително интернет прелистувачи, играчки конзоли како PlayStation и Xbox, како и интеграции преку Social SDK и „ботови“.
Тоа значи дека еден ист повик може да вклучува учесници на лаптоп, телефон, конзола и интернет прелистувач, а сите тие комуницираат преку шифрирана врска без разлика на уредот.
Според објавата на компанијата, ова е една од технички најкомплексните имплементации на ваков вид шифрирање, токму поради разновидноста на платформи кои Discord ги поддржува.
Дополнително, компанијата соопшти дека сега го отстранува кодот кој дозволуваше враќање на нешифрирана врска. Откако тој процес ќе заврши, нема да биде можно повикот да падне назад на нешифрирана комуникација, дури ни во ретки технички ситуации.
Stage каналите остануваат како исклучок, бидејќи се наменети за пренос пред поголема публика како јавни настани и панел дискусии, па нивната архитектура не е дизајнирана за лична приватност.
Шифрирање на текстуалните пораки засега не е планирано, што од Discord го објаснуваат со фактот дека многу постоечки функции зависат од можноста серверот да го „чита“ текстот.
Целата техничка документација и изворниот код на DAVE протоколот остануваат јавно достапни на GitHub, а програмата за пријавување безбедносни пропусти ја опфаќа и оваа имплементација.







































