OpenAI во петокот го претстави ChatGPT Wallet, паричник преку кој агентите на компанијата можат да купуваат на интернет во име на корисникот. Засега работи само преку dots, постојано вклучените агенти што OpenAI ги претстави на крајот на септември.
Компанијата тврди дека тоа е првиот паричник што им овозможува на агентите да плаќаат без пристап до вистинските податоци од картичката, а за секое купување бара безбедносна проверка. Направен е во соработка со American Express, Mastercard и Visa.
Корисникот зачувува картичка, а пред секое купување ги гледа производите, вкупната сума и избраната картичка, па го одобрува со Face ID или отпечаток од прст. Потоа мрежата од картичката создава „токен“, односно заменски број на картичка, безбедносен код и рок на важење, со кој агентот плаќа на обичната страница за плаќање во продавницата.
Според OpenAI, ниту агентот ниту продавачот не ги гледаат вистинските податоци од картичката, а корисникот ги задржува наградите и заштитата што ја нуди картичката кога оспорувањето на плаќањето ги исполнува условите.
Ова е поинаков пристап од Instant Checkout, со кој минатата година можеше да се купува директно во разговорите, но само кај продавниците што се приклучиле. Со Wallet, според упатствата на OpenAI за продавачите, постојните страници за плаќање би требало да работат без посебна интеграција. Сепак, компанијата предупредува дека дел од страниците ги блокираат агентите или може легитимните купувања да ги означат како измама.
OpenAI најавува дека подоцна корисниците ќе можат однапред да одобруваат купувања со ограничувања за износот, категоријата или времето, но не кажа кога. Компанијата нагласува и дека не чува пари на корисниците и не нуди банкарски услуги, а за испораката и враќањето на производите одговараат продавачите.
ChatGPT Wallet засега е достапен само за Pro претплатниците постари од 18 години во САД и тоа со соодветна картичка издадена во САД. Според OpenAI, почнуваат со ограничена достапност за да учат од реалната употреба и да ја подобрат соработката со продавниците, банките и мрежите.
Тоа значи дека корисниците кај нас и во регионот засега не можат да го користат, иако Pro корисниците во Македонија, за разлика од оние во ЕУ, според правилата при лансирањето би требало веќе да ги имаат dots. Не е познато дали и кога Wallet ќе стигне надвор од САД.







































