Фото: DepositPhotos

Тимот на GrapheneOS, оперативниот систем за Android телефони насочен кон безбедност, во неделата навечер на X остро го критикуваше начинот на кој е направен Linux. „Linux беше создаден како отфрлање на робусната софтверска архитектура и алатки“, напишаа од GrapheneOS.

Според нив, станува збор за монолитен кернел без внатрешна изолација, напишан во код што не е безбеден за меморијата, па „печатна грешка во непознат драјвер за функционалност што не се користи лесно може да создаде пропуст за извршување код со целосни привилегии“.

Објавите се дел од расправа за тоа дали вештачката интелигенција носи лош код. GrapheneOS одговорија дека за тоа не може да се обвинат моделите, бидејќи според нив во Linux секој месец се откриваат и поправаат стотици сериозни пропусти што постоеле и порано. Тие додадоа дека тоа што грешките сега толку лесно се наоѓаат „создава огромен притисок конечно да се користат подобри алатки и пристапи“.

Објавата собра над 2.000 допаѓања, а стигна и на Hacker News, каде наиде на критики.

Корисникот yjftsjthsd-h иронично праша дали затоа GrapheneOS е базиран на Minix, систем со микрокернел, иако GrapheneOS е изграден врз Android и неговиот Linux кернел.

Корисникот qalmakka смета дека во 1991 година микрокернелите биле „25 години прерано“, бидејќи тогашните компјутери немале доволно моќ за нив. Корисникот somat, пак, потсети дека истото важи и за Unix, со сеќавањето на Том Ван Флек од ручек со Денис Ричи: „Сето тоа го изоставивме. Ако има грешка, имаме функција наречена panic, а кога ќе се повика, машината паѓа и викаш низ ходникот: ’Еј, рестартирај ја‘.“

Профилот grapheneos на Hacker News, кој пишува во името на проектот, одговори со обвинувања за напади врз тимот. Потоа yjftsjthsd-h напиша дека техничкиот дел од критиката е во суштина точен, но не и тврдењето за „отфрлање“.

Ова не е прва ваква расправа на проектот, а минатиот декември GrapheneOS ги критикуваа и тврдењата за приватност на Sailfish OS.

Расправата доаѓа во период кога вештачката интелигенција наоѓа сè повеќе грешки во Linux. Минатата недела Microsoft објави дека нивната лабораторија FORGE со алатката MDASH скенирала дел од кернелот и испратила 59 јавни пријави за грешки, од кои досега произлегле 33 CVE ознаки и 38 прифатени поправки. Една од грешките постоела најмалку 21 година.

Линус Торвалдс веќе зборуваше за „ново нормално“ поради овие алатки, а еден одржувач се откажа од дел од прегледите поради закрпите напишани со вештачка интелигенција.

Сепак, Microsoft признава дека скенирале само мал дел од кернелот и заклучува дека повеќе „токени“ можеби ќе донесат повеќе пронајдени грешки, но не и безбеден систем, што всушност е блиску до поентата на GrapheneOS.