Фото: Google

Google објави дека функцијата „Preferred Sources“ во Google Search сега е достапна на сите поддржани јазици. Тоа значи дека ограничувањето на англиски јазик, кое важеше при првичното глобално пуштање, веќе го нема.

Како што пишувавме претходно, функцијата им овозможува на корисниците да изберат кои веб страни и медиуми ќе им се прикажуваат почесто во делот „Топ Приказни“ при пребарувањата за новости. Изборот се прави преку копчето со ѕвезда до самиот блок, каде што корисникот може да додаде извори по своја желба.

Од Google велат дека функцијата веќе покажува резултати. Според компанијата, читателите се двојно повеќе склони да кликнат на статија од страна откако истата ќе ја обележат како префериран извор. 

Дополнително, корисниците досега избрале над 200.000 уникатни страни, што го опфаќа спектарот од големи светски редакции до помали локални блогови.

За издавачите ова е значајна вест, бидејќи функцијата директно влијае на видливоста во резултатите од пребарувањата. Google ги охрабрува сопствениците на веб страни да ги поттикнат своите читатели да ги додадат во листата на преферирани извори, па за таа цел отвори и посебна страна со алатки и насоки во нивниот Help Center.

Јасно е дека Google со ова сака да им даде поголема контрола на корисниците врз тоа што гледаат, наместо алгоритамот целосно да одлучува наместо нив. Останува да се види колку оваа функција ќе биде искористена надвор од англиското говорно подрачје, особено за помалите јазици како македонскиот.