Фото: ESA

Марс долго се смета за геолошки мртва планета, но нов научен труд сугерира дека таа можеби само „спие“. Истражувачите пронашле хлороводород над свежи пукнатини на вулканот Alba Mons и сметаат дека гасот најверојатно доаѓа од магма под површината.

Трудот е објавен во списанието Science Advances на 4 ноември, а тимот го предводи Александар Трохимовски. Податоците се од сондата ExoMars Trace Gas Orbiter на Европската вселенска агенција, која хлороводород во атмосферата на Марс првпат забележа во 2021 година. На Земјата овој гас често излегува од вулкански отвори.

На Марс хлороводородот вообичаено го има најмногу во зима на северната хемисфера, а летно време речиси исчезнува, што се поврзува со прашината и водата. Еден исклучок се повторувал секогаш во иста сезона и на исто место, на почетокот на летото, над пукнатините на падините на Alba Mons.

Камерата на сондата потоа таму открила свежи и тесни пукнатини, широки помалку од метар, а некои долги и по неколку стотици метри. Околу нив површината е со променета боја, што според научниците може да се наслаги од гасови што излегуваат од внатрешноста на планетата, како околу фумаролите, вулканските отвори за гасови на Земјата.

Според научниците, зимскиот мраз при температури до -120°C ги затнува пукнатините, а гасот излегува кога мразот ќе испари на почетокот на летото. Тие сметаат дека изворот е заспана магматска комора, еден вид вулкански систем под површината.

„Нашите наоди сугерираат дека Марс задржал доволно внатрешна топлина за вулканска активност до неодамна, а можеби и денес“, вели Даниел Меж од Центарот за вселенски истражувања на Полската академија на науките, еден од главните автори.

Сепак, ова е посреден доказ. Марс ги има најголемите вулкани во Сончевиот систем, а снимките од орбита и сеизмичките активности укажуваат на можна активност, но досега не е забележан ниту еден нов тек на лава ниту ерупција.

Наодот е интересен и за потрагата по живот. Според ESA, ако магмата се сретне со подземна вода, може да создаде топли места погодни за живот.

Меж смета дека затоа би имало смисла живот да се бара токму во пукнатините на Alba Mons, ако таму има активни хидротермални системи. Наодот доаѓа по потенцијалниот доказ што го најде Perseverance и органските молекули што ги откри Curiosity.

Колин Вилсон, научник на ESA задолжен за сондата, смета дека ова можеби е нејзиниот најголем успех досега.