Фото: DepositPhotos

Феликс Ризеберг, инженерски менаџер во Anthropic, напиша дека во октомври неговиот тим престанал да ги бара класичните интервјуа со програмирање од кандидатите. Тој во компанијата ги водел инженерските тимови за Claude.ai, Claude Cowork и десктоп апликацијата на Claude Code, а претходно работел во Notion, Stripe, Slack и Microsoft.

Во објавата на својот блог тој пишува дека способноста брзо да се дефинира проблем и да се најде елегантно решение била „слаб, но корисен“ показател за тоа колку успешен ќе биде некој во неговите тимови, а кратките задачи со вистински код кажувале нешто значајно за кандидатите. Сега, според него, нема поента да се дава мала задача во „React“, исто како што нема поента да се прашува за „асемблер“, бидејќи Claude е подобар и во двете.

Ризеберг додава дека неговите најуспешни инженери се успешни без оглед на тоа колку добро ги решаваат ваквите тестови. Тој тврди дека релативно нови инженери поминуваат пред колеги кои веројатно подобро програмираат и се многу подолго во работата, а објавата ја насловил „Hunger beats tenure“, односно желбата е поважна од стажот.

Неговиот совет за помладите инженери е да ги разберат целите на компанијата, да изберат една амбициозна идеја и за еден викенд да направат прототип што работи. Како пример го наведува графичкиот интерфејс за Claude Code, чиј прототип двајца релативно нови инженери го направиле за еден викенд, а првата јавна верзија била објавена околу осум дена подоцна.

Сепак, Ризеберг признава дека сè уште не открил како да интервјуира луѓе кои добро работат со вештачка интелигенција. Засега во биографиите и портфолијата бара мали прототипови што покажуваат вкус, емпатија и принципиелно размислување.

Anthropic не објави промена во начинот на вработување. Упатството на компанијата за кандидатите, последно ажурирано во јули 2025, и понатаму бара задачите да се завршат без Claude, а интервјуата во живо без никаква помош од вештачка интелигенција, освен ако не е поинаку кажано. Тоа изгледа малку иронично и сугерира дека и во самата компанија сè уште нема единствен одговор на прашањето што точно треба да знае програмерот кога моделот пишува код подобро од него.

Ризеберг смета дека интервјуто со програмирање нема да се врати, иако е тешко да се каже колку други менаџери ќе го следат неговиот пример.