Microsoft го претстави новиот Copilot, кој е организиран во три нови простори: Home, Code и Autopilot. Компанијата сака на едно место да ги поврзе алатките што луѓето веќе ги користат со новите можности за градење и автоматизирање на работата.
Home е новата почетна страница, каде се спојуваат Chat, за брзи прашања и нацрти, и Cowork, на кој корисникот му доделува цела задача да ја заврши самостојно. Дополнително, Word, Excel и PowerPoint сега се вградени директно во Copilot, па документите се создаваат и уредуваат без префрлање меѓу апликации.
Наскоро корисникот нема ни да избира режим. Според Microsoft, доволно ќе биде да напише што му треба, а Copilot сам ќе одлучи дали задачата ќе ја даде на Chat, Cowork или Code.
Code е наменет за оние што не се програмери. Со опис на обичен јазик, Copilot гради мали апликации, контролни табли, автоматизации или „widgets“ за работната површина, со истата технологија што ја користи GitHub Copilot. Кодот работи во изолирана околина и може безбедно да работи во Microsoft 365 околината на компанијата.
Најинтересен е Autopilot, кој порано се викаше Scout. Корисникот му дава име, улога и цел, а агентот потоа сам ги следи разговорите и каналите, ги следи отворените прашања, бара информации од колегите и се враќа на проектот и по неколку дена, без да чека нова наредба. Бидејќи работи во облакот, продолжува и додека корисникот спие.
Autopilot има сопствен идентитет, меморија, компјутер и работна околина во рамки на компанијата. Се појавува во Teams, Outlook и документите, каде може да се спомне како колега, а според Microsoft, корисникот ги поставува целта и границите, додека агентот го информира и му ја остава контролата.
Со новите можности се менува и начинот на плаќање. Секојдневната употреба, како разговорите и работата во Word, Excel, PowerPoint, Outlook и Teams, е вклучена во претплатата по корисник со фиксна цена. Cowork, Code, Autopilot и најнапредните модели, меѓу кои Astra и Fable, се наплаќаат според потрошувачката, а Microsoft најавува дека цените на Copilot ќе продолжат да се менуваат.
Поради ова, Microsoft воведува и алатки за следење на трошоците. Администраторите можат да поставуваат ограничувања и да одредуваат кои модели се достапни за кои корисници, а вработените ќе можат да ја гледаат својата потрошувачка директно во Copilot.
Home почнува да стигнува во наредните недели преку програмата Frontier, преку која Microsoft им нуди ран пристап на компаниите, а Code стигнува таму кон крајот на месецот. Autopilot до крајот на месецот се проширува во затворен преглед („private preview“), а Code подоцна оваа година, во верзија за преглед, ќе стигне и до потрошувачките претплати Microsoft 365 Premium и Pro.
Јасно е дека Microsoft сака Copilot од асистент за разговор да го претвори во алатка што самостојно извршува задачи. Сепак, повеќето новости засега се наменети за компаниите, а обичните корисници ќе можат да го пробаат само Code, и тоа подоцна оваа година. Наплатата според потрошувачката веројатно ќе ги направи и трошоците потешко предвидливи.







































