Фото: Instagram

Instagram во Stories додаде ефект наречен Pixel, кој со помош на вештачка интелигенција ги пикселизира луѓето или предметите што корисникот ќе ги опише со текст. Наместо нечие лице рачно да се покрие со стикер или цртеж, доволно е во командата („prompt“) да се напише, на пример, „личноста десно“.

Компанијата ефектот го промовираше со објава на својот официјален профил, наменета за оние што сакаат да направат „soft launch“, односно да навестат дека имаат нова врска без да го покажат партнерот. „Тајно ја објавувате врската? Ве покриваме“, пишува Instagram, со упатство командата да се уреди така што ќе се наведе што треба да се пикселизира.

Јачината на ефектот зависи од тоа како е напишана командата. Во примерот на Instagram „екстремно пикселизиран“ маж станува непрепознатлив, а со поблаг опис лицето останува делумно видливо.

Instagram во јули најави повеќе од 30 нови ефекти во Stories засновани на Muse Image, првиот модел за генерирање слики од Meta Superintelligence Labs.

Според Instagram, тие ефекти ја толкуваат сцената на фотографијата, односно осветлувањето, композицијата и субјектот, а корисниците можат да создаваат и сопствени ефекти со текстуална команда. Не е јасно дали Pixel е сосема нов ефект или е дел од пакетот од јули, кој компанијата сега посебно го промовира.

Реакциите на корисниците се поделени. Дел од нив идејата ја нарекуваат „прилично кул“, други прашуваат дали воопшто е потребна, а некои забележуваат дека Instagram и досега имаше обичен филтер за пикселизирање, кој сега станал „покомплициран“.

Сепак, ефектот има и покорисна примена од тајните врски, како прикривање на лицата на децата на семејни фотографии или на непознати луѓе што случајно се нашле во кадарот. Бидејќи станува збор за вештачка интелигенција што сама одлучува што да пикселизира, изгледа дека вреди да се провери резултатот пред објава, особено кога се во прашање деца.

Оваа година инаку Meta вметнува сè повеќе алатки со вештачка интелигенција во Instagram, а Pixel веројатно е еден од ретките ефекти кој, наместо да додава нешто на фотографијата, служи за да се скрие нешто од неа.