Фото: Google

Google најави дека разговорите во Gemini ќе ги чува околу два месеци и кога корисникот ја исклучил историјата. Истото важи и за привремените разговори. Досега и двата вида разговори се чуваа до 72 часа, како што забележа TechCrunch споредувајќи со постарата верзија од страницата за приватност.

Компанијата во објавата вели дека станува збор за мерка за безбедност, бидејќи „AI системите стануваат сè попаметни“. На страницата за приватност на Gemini пишува дека овие разговори се чуваат поврзани со сметката и се користат за одговарање на корисникот, за обработка на повратните информации и за заштита на Google, корисниците и јавноста, со помош на луѓе што ги прегледуваат. Како пример се наведува и можен пад на системите.

Google првично не одговори на прашањата на TechCrunch за причината, но портпарол подоцна изјави дека податоците ќе се користат „строго за безбедност“, а не за тренирање на моделите или за подобрување на производите. Според него, подолгиот рок е потребен за откривање, пријавување и истражување на „сложени нови сценарија на злоупотреба“, бидејќи со можностите на Gemini растат и начините за злоупотреба.

Изјавата сепак изгледа потесна од страницата за приватност, каде меѓу целите се и одговарањето и повратните информации. Дополнително, ако корисникот испрати повратна информација, Google ги зема и последните 24 часа од разговорите, а прегледаните разговори ги чува до три години, одвоени од сметката.

Промената доаѓа заедно со нови поставки. Досега историјата и тренирањето беа поврзани во една поставка, па кој сакаше да ги зачува разговорите, мораше да дозволи и тие да се користат за тренирање на моделите. Сега историјата може да остане вклучена, а тренирањето да се исклучи.

Според TechCrunch, Google вели дека кај корисниците што претходно ја исклучиле старата поставка двете нови ќе бидат исклучени, а кај оние што ја имале вклучена, историјата останува вклучена. За корисниците над 18 години и историјата и тренирањето се вклучени во основните поставки. Google неодамна во Gemini воведе и резиме на она што асистентот го знае за корисникот.

За споредба, OpenAI привремените разговори во ChatGPT ги чува до 30 дена, а Anthropic инкогнито разговорите во Claude во основните поставки ги чува 30 дена. Тоа значи дека Google, кој досега имаше најкраток основен рок од трите компании, сега ќе ги чува најдолго.

Промените почнуваат да се воведуваат глобално во апликацијата Gemini во наредните недели, па ќе важат и кај нас. За работните и училишните сметки, според Google, може да важат други правила за податоците.