Фото: DepositPhotos

OpenAI објави дека преку Агенцијата за комуникации и информации на NATO (NCIA) им овозможува на централните институции на алијансата пристап до своите напредни модели за сајбер безбедност. Пристапот оди преку Daybreak, програмата што OpenAI ја започна во мај, чии повисоки нивоа се наменети за проверени експерти кои вршат одобрена работа, како преглед на код, истражување на сомнителна активност и развој и тестирање на закрпи.

Според OpenAI, NATO користел до 300 милијарди влезни и излезни „токени“ месечно, но компанијата не наведува на кој период се однесува бројката. Објавата дојде за време на NATO Edge, водечкиот технолошки настан на NCIA, кој се одржува во Измир, Турција.

Генералниот директор на NCIA, Дилан Браун, вели дека со поширокото користење агенцијата подобро ќе ги разбере потрошувачката на „токени“ и економијата на моделите, што ќе ѝ помогне да ги намали трошоците, да ги оцени конкурентските решенија и да носи информирани одлуки за набавки. Тоа сугерира дека NATO засега ги испробува моделите, а не дека се „врзале“ само за OpenAI.

OpenAI ја поддржа и вежбата Crossed Swords 2026 на Центарот за кооперативна сајбер одбрана на NATO (CCDCOE) во Талин, каде учесниците во нов дел од обуката правеа и тестираа агенти со вештачка интелигенција за сајбер операции во Daybreak, со нагласок на тоа одлуките да останат кај луѓето.

Компанијата наведува и примери од Европа. Според OpenAI, агенцијата на ЕУ за сајбер безбедност ENISA со нивните модели пронашла четири пропусти во софтвер што го користат институциите на ЕУ, а за сите четири се објавени закрпи. Во заеднички извештај на ENISA и CERT-EU се проверени 27 софтверски проекти со неколку напредни модели, меѓу кои и тие на OpenAI, а одржувачите потврдиле дека 95% од 88-те проценети потенцијални проблеми се вистински, бројка што важи за сите модели заедно.

Полскиот CERT Polska, според OpenAI, со нивните модели помогнал да се пронајдат шест пропусти во MikroTik RouterOS, системот на мрежната опрема на MikroTik, која потоа објави поправки. Министерството за дигитална трансформација на Украина го користи Daybreak за одбрана на цивилната инфраструктура, а пристап имаат и францускиот ANSSI и национални агенции во Германија и Полска.

Вакво нешто не е ново. Anthropic во април го претстави Project Glasswing за откривање пропусти во критичниот софтвер, а Google Gemini 4 Argon и Gemini 4 Carbon прво ги даде само на експерти за сајбер безбедност.