Instagram ја претстави Direct, нова апликација наменета само за пораки, преку која се разговара еден на еден или во групи со пријатели и семејството. Според објавата на Meta, идејата е блиските контакти да добијат посебен простор.
Апликацијата засега се тестира само во Турција и Тајланд, на Android и iOS. Не е познато дали и кога ќе стигне до други земји, вклучително и Македонија.
За Direct не е потребен Instagram профил, а регистрацијата е со е-пошта или телефонски број. Ако веќе имате профил, се најавувате со истото корисничко име и лозинка, а постојните разговори се синхронизираат меѓу двете апликации.
Според Meta, разговор со вас може да започне или во група да ве додаде само некој од вашите контакти или луѓе со кои веќе сте поврзани, со или без профил. Контакт се додава со внесување на точното корисничко име или со скенирање на неговиот QR-код кога сте заедно.
Функциите се познати од Instagram: цртање во разговорот, „Notes“ со кратки ажурирања од пријателите на врвот од сандачето, сопствени налепници, гласовни ефекти како смеа од публика или звуци под вода и теми за позадината на разговорите.
Meta нагласува дека заштитата е вградена од почеток и дека ќе користи технологија за откривање несоодветни интеракции со млади луѓе. Корисниците можат да пријавуваат, блокираат, ограничуваат или отстрануваат контакти, а родителите преку алатките за надзор можат да видат со кого пишуваат тинејџерите, да ги менуваат безбедносните поставки и да постават дневно временско ограничување. Тинејџерите што се најавуваат со Instagram профил ги добиваат истите заштити за пораки како во „Teen Accounts“.
За Direct треба да имате најмалку 13 години. Според Meta, сметките што можеби припаѓаат на помлади корисници ќе бидат откривани со технологија и ќе мораат да ја потврдат возраста или ќе бидат избришани. Meta дополнително го поедноставува пријавувањето на сметки на деца под 13 години.
Ова не е прв обид на Instagram. Апликација за пораки со исто име почна да се тестира во декември 2017 година во шест земји, меѓу кои и Турција, но во мај 2019 Instagram објави дека го прекинува тестот, а разговорите се вратија во главната апликација.
Новата Direct, сепак, не бара профил, што сугерира дека Meta цели и кон луѓе што не ја користат оваа мрежа. Instagram инаку во последно време експериментира и со други апликации и формати, од Edits за Mac до хоризонталните видеа до 90 минути.
Останува да видиме каде ќе се смести Direct покрај WhatsApp и Messenger, што Meta веќе ги има.






































