Apple воведува дневни ограничувања за дел од функциите на Siri AI и Apple Intelligence што работат на нејзините сервери. Тие важат од верзијата 27.3 на iOS, iPadOS и macOS, која засега е во бета фаза, а компанијата ги опиша во нова страница за поддршка објавена на 16 ноември.
Дека вакви ограничувања ќе има, Apple кажуваше и порано, заедно со најавата дека поголемиот пристап ќе се наплаќа. Сега е јасно како: преку постојните iCloud+ пакети, наместо преку посебна претплата.
Лимитите важат, меѓу другото, за посложените барања до Siri AI, алатките за слики како Image Playground и Clean Up, Extend и Spatial Reframing во Photos, кратенките во Shortcuts што користат модели од „облакот“ и апликациите од други програмери што ги користат моделите на Apple преку „Private Cloud Compute“. Дел од функциите во Home, како резимеата на видеата од камерите, се ограничени на одреден број камери.
Едноставните барања до Siri, како „постави тајмер од 3 минути“, ќе работат и откако ќе се потроши лимитот, а паузирани ќе бидат посложените, на пример порака со адреса и пресметка кога треба да се тргне од дома.
Apple не кажува колкав е бесплатниот лимит, туку дека зависи од сложеноста на барањето и оптоварувањето на системот. Тој е посебен за секој уред и за секоја категорија функции, не се пренесува во наредниот ден и се ресетира околу полноќ.
Цените на iCloud+ не се менуваат, според MacRumors. Планот од 50 GB не носи ништо повеќе, 200 GB носи до двојно поголем лимит, 2 TB до пет пати, 6 TB до 10 пати, а 12 TB до 20 пати поголем лимит.
Дополнителниот пристап се користи откако уредот ќе го потроши бесплатниот лимит и се дели меѓу сите уреди на сметката и членовите на семејството.
Зголемениот пристап го нема во ЕУ, Велика Британија, Бразил и Јужна Кореја, а за Apple Intelligence ни во Кина. Македонија не е на листата, а iCloud+ кај нас се плаќа во долари, по исти цени како во САД, со напомена дека може да биде малку поскапо поради ДДВ. Siri AI засега го нема македонскиот јазик, па работи само ако уредот е поставен на еден од шесте поддржани јазици.
Ова не е единствениот лимит кај Apple, бидејќи функциите во Apple Creator Studio имаат месечни ограничувања, а за Logic Pro веќе има и пакети кои се доплаќаат.
Google својот Gemini веќе го продава заедно со простор во Google One, па изгледа дека и Apple ја избра истата формула.







































