Одборот на директори на Nvidia формира Комитет за надзор над националната безбедност и контролата на извозот, нов постојан комитет што ќе ги надгледува политиките за национална безбедност, почитувањето на правилата за извоз и ризиците во глобалната трговија, соопшти компанијата во вторникот. Постојните тимови на Nvidia за национална безбедност и за усогласеност со трговските правила ќе одговараат директно на комитетот, а за секојдневната работа на привремената директорка Колет Крес.
Комитетот ќе го води членката на одборот Сузан Нора Џонсон, а членови се и Стивен Нил и Џон Дабири. Ќе се состанува најмалку еднаш квартално и ќе соработува со независни надворешни експерти за право, национална безбедност и трговска усогласеност.
Претседателот на одборот Харви Џоунс во соопштението вели дека напредните чипови и појавата на вештачката интелигенција и „суперинтелигенцијата“ носат „невидени предизвици“ за националната безбедност. Според него, Nvidia како водечка компанија има одговорност да ја предводи индустријата и сака да соработува со владите и со индустријата. Компанијата додава дека комитетот е дел од заложбата за поблиска соработка со владините институции и за највисоки стандарди на управување.
Соопштението не ги спомнува ниту Хуанг ниту Megaspeed, но AP одлуката ја поврзува со скандалот поради кој Хуанг поднесе оставка минатиот четврток. Тоа е неговата врска со Алис Хуанг, поранешна директорка на сингапурската Megaspeed, за која американските служби, според New York Times, сметаат дека пренесувала информации на Кина. Nvidia по првите извештаи отвори истрага уште на 8 ноември.
Megaspeed, пак, е под кривична истрага на американското Министерство за правда поради сомневања дека напредни чипови на Nvidia завршувале кај кинески компании спротивно на ограничувањата за извоз. Компанијата тврди дека работи законски. Министерот за финансии Скот Бесент во неделата рече дека за него е поважно дали во Nvidia постоела „култура на почитување“ на ограничувањата отколку дали Алис Хуанг е шпионка.
Вакво тело во одборот веројатно е обид Nvidia да покаже дека го сфаќа сериозно тоа прашање, особено што американските власти во понеделникот воведоа и нови правила за дата центрите во трети земји, преку кои Кина досега можеше да изнајмува процесорска моќ и да ги заобиколи ограничувањата.
Првите прашања за тоа Nvidia веројатно ќе ги добие уште вечерва. Компанијата ги објавува резултатите за третиот фискален квартал околу 22:20 по македонско време, а во 23 часот е повикот со аналитичарите, првиот откако Крес е привремена директорка.






































