Фото: Ferrari

Ferrari официјално го претстави Luce, својот прв целосно електричен автомобил, кој се издвојува по невообичаениот пристап во развојот. За дизајнот на надворешноста и внатрешноста на возилото, италијанскиот производител направи исклучок и воспостави соработка со дизајнерската компанија LoveFrom, предводена од Џони Ајв и Марк Њусон. 

Соработката со легендарниот дизајнер од Apple, беше најавена уште во 2021 година, но дури во февруари оваа година ги видовме првите информации за резултатот од истата. 

Вклучувањето на Ајв во процесот резултираше со значителни промени во начинот на кој корисниците комуницираат со возилото, односно имаат интеракција со контролите, ставајќи го корисничкото искуство во преден план пред традиционалните решенија.

Придонесот на дизајнерскиот тим е најзабележителен во внатрешноста на Luce. Ајв и LoveFrom развија нов, интуитивен интерфејс кој интегрира дигитални екрани со физички, механички контроли. Целта на ова решение е да се олесни управувањето и да се минимизираат пречките и одвлекувањето на вниманието при возењето.

Фото: Ferrari

Ајв дури истакна дека „лошиот дизајн“ кај новите автомобили придонесува до голем број на незгоди, а тука тој директно мисли на трендот на тргање на физичките копчиња и додавање на контроли на допир. Логично тој истакнува дека користењето на контролите со допир подразбира тргање на погледот од патот, нешто што е јасно дека е доста опасно. 

Покрај внатрешноста, дизајнерскиот јазик е применет и на надворешноста, каде што е постигнат изразено низок коефициент на отпор на воздухот. За дополнително подобрување на аеродинамиката, вграден е систем кој автоматски го спушта предниот дел на автомобилот за 10 милиметри при константно возење.

Соработката со LoveFrom донесе и промена во основниот формат на возилото, нудејќи конфигурација со четири врати и пет седишта. Ова го прави Luce најпространото возило во историјата на брендот, нудејќи голем багажен простор и зголемена секојдневна практичност за крајните корисници. За изработка на шасијата на автомобилот, кој има вкупна тежина од 2.260 килограми, искористен е 75 отсто рециклиран алуминиум.

И покрај фокусот на дизајнот и комфорот, возилото ги задржува високите перформанси преку систем од четири независни електрични мотори кои испорачуваат 1.035 коњски сили. Автомобилот забрзува од 0 до 100 километри на час за 2,5 секунди, со максимална брзина од 310 километри на час. Напојувањето е обезбедено од батериски пакет со капацитет од 122 киловат-часови базиран на архитектура од 800 волти, што овозможува автономија на движење од над 530 километри со едно полнење.

Доста долгата и детална објава од Ferrari со сите информации за Luce можете да ја прочитате тука.