Microsoft ќе го вклучи PowerShell 7 во следната верзија на Windows, покрај Windows PowerShell 5.1 кој со години доаѓа со системот. Тимот на PowerShell минатата недела објави дека ова е барањето кое најчесто го добивале од корисниците, а Microsoft истовремено го прогласи Windows PowerShell 5.1 за застарен.
Windows PowerShell 5.1 е верзијата на која со години работат многу скрипти, закажани задачи и сервиси за администрација на Windows. PowerShell 7 е модерната верзија, која се развива јавно, работи и на други платформи и ги добива новите функции.
Двете верзии ќе работат една покрај друга, па според Microsoft постојните скрипти не треба да се менуваат. Тоа значи дека преминот засега не е задолжителен, но Windows PowerShell 5.1 повеќе не се развива и нема да добива нови функции. Сепак и понатаму е поддржан и ќе добива безбедносни закрпи, според животниот циклус на верзијата на Windows.
Microsoft ги објави и роковите. Windows 11 26H2 и Windows Server 2025 се последните верзии во кои 5.1 е вклучен во основните поставки. Во следната верзија ќе стане дополнителна функција („Feature on Demand“), која сепак ќе биде вклучена на новите инсталации, а во некоја идна верзија нема да го има.
Не е познато кога ќе се случи ова. Microsoft вели дека тоа ќе зависи од податоците за користењето и дека ќе го најави однапред. Компанијата не кажува ни која е следната верзија, а претходно имаше неофицијални информации дека се подготвува поголемата 27H2 надградба на Windows 11.
Дополнително, на пакетот со кој ќе стигне PowerShell 7 уште му треба работа. Тоа е „MSIX“ пакет, кој засега не може сè што можеше досегашниот „MSI“ инсталатор на PowerShell 7, како работа под „SYSTEM“ сметката, што е важно за закажаните задачи, сервисите и далечинското управување. Недостасуваат и поддршката за „DISM“ командите и поставките што важат за сите корисници на компјутерот, а Microsoft вели дека работи на ова.
Microsoft препорачува скриптите однапред да се тестираат во PowerShell 7, бидејќи дел од нив ќе бараат промени, а дел можеби ќе мора да останат на 5.1. Компанијата вложува и во алатки од заедницата и во подобрувања на PSScriptAnalyzer, кои треба да ги пронаоѓаат скриптите, закажаните задачи и сервисите и да покажуваат што треба да се промени.
Вакво нешто е уште еден чекор кон алатките што програмерите ги очекуваат на Windows, по командата „sudo“ и текст едиторот Edit.





































