Фото: 1Password

1Password, еден од попознатите менаџери за лозинки, објави дека напаѓач добил пристап до дел од нивните „backend“ системи и презел ограничен број податоци за дел од корисниците, меѓу кои имиња и имејл адреси. Според компанијата, содржината на сефовите, односно лозинките и другите зачувани податоци, како и клучевите што ги штитат, не се засегнати.

На 19 ноември 1Password почнале да истражуваат знаци дека напаѓач влегол во корпоративниот GitHub профил на еден вработен. Преку него пристапил до изворниот код и поставил злонамерен код во „backend“ сервисите, кој потоа преземал административни податоци за корисниците.

Освен имињата и имејл адресите, преземени се идентификатори на профилите, времето на креирање и последното најавување, јавни клучеви и параметри од протоколот „Secure Remote Password“, за кои компанијата вели дека не може да се искористат за пристап до профилот. Напаѓачот копирал и изворен код од приватни репозиториуми и дошол до „CI/CD“ системот, па 1Password ги замениле сите интерни податоци за пристап што можеле да бидат изложени.

Преземени се и „токените“ од имејл пораките за покани, поставување профили преку администратор и враќање на профил. Според 1Password, тие сами не даваат пристап, бидејќи бараат и најава преку „SSO“ или шестцифрен код испратен на имејл адресата на корисникот. Корисниците чии „токени“ биле активни, кои се мал број, се известени посебно, а од претпазливост кодот е продолжен на десет знаци од букви и бројки. Компанијата вели дека нема докази за преземање профили со изложените „токени“.

Компанијата не кажува колку корисници се засегнати. Таа вели дека не треба ништо да се менува во профилот, но препорачува внимание кон неочекувани имејл пораки, пораки и повици што го спомнуваат 1Password, поканите или враќањето на профил. Ова изгледа и како најголемиот практичен ризик, бидејќи список со имиња и имејл адреси на корисници на менаџер за лозинки е добра основа за уверливи „phishing“ пораки.

Вакво нешто не е ново кај менаџерите за лозинки, а најпознат е случајот со LastPass, кој во 2022 година доживеа два поврзани упади, при што напаѓачот копираше и резервна копија од шифрираните сефови. 1Password вели дека нивниот систем е направен така што упад во серверите не може да ја открие содржината на сефовите, бидејќи е шифрирана со клучеви што ги има само корисникот.

Компанијата ангажирала и независни експерти за сајбер безбедност да ги проверат мерките и вели дека ќе ја ажурира објавата ако открие нешто ново.