Леталото Hera на Европската вселенска агенција (ESA) ги објави првите детални слики од Dimorphos, малиот астероид во кој NASA намерно удри во 2022 година. Изгледа дека ударот го променил повеќе отколку што се очекуваше, бидејќи едната страна му е израмнета со кратер голем колку спортски стадион.
Dimorphos е широк 151 метар и кружи околу поголемиот астероид Didymos, широк 730 метри. Леталото DART на NASA удри во него на 26 септември 2022 година и неговата орбита ја скрати за 33 минути, многу повеќе од предвиденото, што NASA подоцна го потврди. Сепак, од далечина не можеше да се види што точно се случило со самиот астероид.
„Научниците дебатираа дали Dimorphos добил кратер, дали го променил обликот или останал ист“, изјави Патрик Мишел, главен истражувач на мисијата. „На наше големо изненадување, одговорот е сите три одеднаш! Страната во која удри DART е израмнета во кратер со големина на спортски стадион, кој се протега низ целата ширина на астероидот.“
Остатокот од Dimorphos, според ESA, не покажува поголеми промени, а полињата со карпи изгледаат исто како на сликите од DART. Научникот на мисијата во ESA, Михаел Киперс, додава дека ударот го оставил астероидот хаотично да се превртува во својата орбита.

Второто изненадување се стотици карпи, големи по неколку метри, што кружат околу двата астероида. Тимот ќе мора да внимава на нив додека леталото се приближува.
ESA објави и видео на кое Dimorphos прави цела орбита околу Didymos. На него се гледа како местото на ударот доаѓа на видик, а потоа астероидот исчезнува во сенката на Didymos.
Сликите беа претставени во салата со диносауруси во Природонаучниот музеј во Берлин, што не е случајно. „Пред 66 милиони години, удар на астероид го промени текот на животот на Земјата. Денес, за прв пат во историјата, човештвото проверува како да спречи такво нешто повторно“, изјави Иан Карнели, раководител на мисијата.
Hera, која претходно го сними Didymos одблиску, моментално лета на 25 до 30 километри од астероидите, а во декември, според планот, ќе се приближи на околу 13 километри. Во јануари 2027 година треба да пушти две мали летала со големина на кутија за чевли. Едното, Juventas, со радар за прв пат ќе ја испита внатрешноста на астероид и на крајот ќе се обиде да слета.
ESA инаку заедно со јапонската JAXA ја подготвува и мисијата Ramses, која ќе го следи астероидот Apophis кога на 13 април 2029 година безбедно ќе помине на околу 32.000 километри над површината на Земјата.




































