Фото: Anthropic

Anthropic ја претстави функцијата „Install as app“, со која „artifacts“ направени во Claude може да се инсталираат како посебни апликации на Mac и Windows. „Artifacts“ се интерактивните содржини што Claude ги прави во разговор, како графикони, веб страници или мали алатки, а досега се отвораа во самиот Claude.

Инсталираната апликација добива сопствена икона и се отвора во свој прозорец, може да се споделува со други, а се ажурира автоматски кога ќе се промени „artifact“-от од кој е направена. Апликациите може да го користат Claude и поврзаните сервиси („connectors“), но нивните барања кон Claude се засметуваат во ограничувањата на претплатата.

Дополнително, може да праќаат известувања и да додаваат елементи во лентата со менија на Mac или во системската лента на Windows.

Според Anthropic, корисниците веќе ги користат „artifacts“ како алатки за секојдневна работа, на пример страница за подготовка за состаноци што повлекува податоци од календарот и е-поштата. Вработени во компанијата направиле уредувач на слики со слоеви, менаџер на датотеки, терминал со Claude како помошник и мала апликација за следење на перформансите на компјутерот.

Дозволите имаат три нивоа. Во основните поставки апликацијата може само она што може и веб страница во прелистувач, второто ниво дозволува известувања, прозорци што стојат над другите и кратенки на тастатурата што работат насекаде, а третото, целосниот пристап, дозволува стартување програми и читање, менување или бришење датотеки без прашање секој пат.

Дозволата важи само за тековната верзија, па Claude прашува повторно по секое ажурирање, дури и по сопствените измени. Сепак, ако дел од апликацијата доаѓа од друга веб страница, тој дел може да се промени без ново прашање.

Целосен пристап може да се даде само на сопствени апликации или, кај Team и Enterprise, на апликации од колеги во организацијата. Anthropic не ги проверува апликациите пред инсталација, па самата компанија препорачува целосен пристап само за апликации на кои им верувате. Администраторите на Team и Enterprise може да ги вклучат или исклучат дозволите и целосниот пристап за целата организација.

Функцијата постепено стига на сите претплати, но не може да ја користат организациите подготвени за американските правила за здравствени податоци (HIPAA) и оние со „hybrid deployments“. Кај Team е вклучена во основните поставки, со исклучен целосен пристап, а кај Enterprise е исклучена додека не ја вклучи сопственикот на сметката.

За отворање на апликацијата е потребна интернет врска и најава во Claude. Не може да се инсталираат сите „artifacts“, меѓу нив и новите табели, документи и презентации на Claude.

Функцијата е само за Mac и Windows, иако Claude од јули има и официјална десктоп апликација за Linux, засега во бета верзија.