Фото: Tesla

Tesla конечно го претстави новиот Roadster, речиси девет години откако го прикажа на крајот од настанот за Tesla Semi во 2017 година. Презентацијата се одржа во четвртокот вечерта по американско време на полигонот на SpaceX во Мекгрегор, Тексас. Тоа беше две недели подоцна од планираното, откако Tesla го одложи настанот поради лошото време.

Како што беше најавувано во август, главна атракција беа потисниците со ладен гас развиени од SpaceX. Roadster, кој „вшмукувачи“ го држат залепен за подлогата, се искачи на закривена рампа и неколку секунди стоеше наопаку, а потоа се заврте во воздух и слета на асфалтот. Во втората демонстрација прескокна редица возила на Tesla, меѓу кои Cybercab, Cybertruck и Semi, без возач во кабината.

Новиот Roadster ќе има три верзии. Performance е наменета за јавните патишта и има две седишта, активна аеродинамика и систем за вшмукување воздух под автомобилот, а Thrust додава потисници на задниот дел и е наменета за патеки. Rocket има едно седиште и потисници околу целиот автомобил, со кои може да се крева и врти во воздух, но е достапна само на покана и не е одобрена за јавни патишта.

Според Tesla, од 0 до 96 км/ч Performance стигнува за помалку од 1,6 секунди, Thrust за помалку од 0,9, а Rocket за помалку од 0,59 секунди. На настанот Tesla во живо измери 0,81 секунда. Компанијата наведува автономија од над 480 километри, а за верзијата Rocket и максимална брзина од над 370 км/ч. Маск тврди дека производната верзија ќе може да оди и побрзо.

Фото: Tesla

Цената не е објавена. За резервација на Performance во САД Tesla бара 5.000 долари веднаш и уште 45.000 долари во рок од 10 дена, односно вкупно 50.000 долари, колку и во 2017 година. За верзијата Thrust резервацијата чини 250.000 долари. Тогаш почетната цена беше најавена на 200.000 долари, а сега, според Yahoo Finance, се очекува да надмине 250.000 долари.

Во 2017 година Tesla ветуваше четири седишта и автономија од околу 1.000 километри. Тоа значи дека новиот Roadster е побрз, но со речиси двојно помала автономија од најавената. Самиот Маск рече дека ова „не е нужно автомобил оптимизиран за безбедност“ и дека не е сигурен дека значително ќе влијае на приходите на компанијата.

Маск изјави дека производството почнува во 2028 година. Сепак, Roadster беше одложуван повеќе пати, а и Tesla Semi стигна до првите купувачи дури пет години по претставувањето, па и овој рок веројатно треба да се земе со резерва.