Google ги менува правилата за програмерите на Google Play, па сите активни сметки мора да изјават дали се „трговци“ според законите на Европскиот економски простор (ЕЕП) и Велика Британија. Според страницата за поддршка на Google Play, изјавата е задолжителна до 1 февруари 2027 година, без разлика во кои земји се достапни апликациите.
Трговец е секој што објавува апликации за цели поврзани со својот бизнис или професија. Google, повикувајќи се на насоките на Европската комисија, како знаци наведува редовни приходи од платени апликации, плаќања во апликацијата или реклами, голем број трансакции и D-U-N-S број, а хоби проектите веројатно не спаѓаат тука.
Од 1 март 2027 година, корисниците насекаде ќе ги гледаат контакт податоците на трговците, нивниот D-U-N-S број и линк до условите за користење. Google наведува дека кај индивидуалните сметки што се трговци „сега ќе се прикажуваат телефонски број и адреса“.
Корејскиот портал The Elec пишува дека Google ја зема адресата од платниот профил на програмерот, каде според правилата на компанијата не се дозволени поштенски фахови. Ако е така, самостојните програмери што работат од дома веројатно ќе мора да ја објават домашната адреса. Google сепак на страницата за трговците наведува само дека адресата ќе биде јавна, без да каже која адреса ќе се прикажува.
Apple, од друга страна, на својата страница наведува дека индивидуалните програмери можат да прикажат поштенски фах, со документ што ја потврдува врската со него, а податоците ги бара само кога апликацијата е достапна во ЕУ.
Еден независен програмер на игри за The Elec изјавил дека објавувањето на домашните адреси е „нарушување на приватноста“ и дека размислува да изнајми канцеларија само за да ги заштити личните податоци. Google не одговориле на прашањата на порталот зошто податоците ќе бидат видливи во целиот свет.
Програмерите кои не ги нудат апликациите во ЕУ и Велика Британија можат да се изјаснат како нетрговци. Кој нема да се изјасни до рокот, ризикува блокирање на ажурирањата и отстранување на апликациите од Google Play, а лажното изјаснување како нетрговец може да заврши со суспензија на сметката.
Правилото ги опфаќа и македонските програмери, бидејќи изјавата е задолжителна за сите сметки, а повеќето апликации се достапни и во Европа. Ова е уште една обврска за програмерите, по верификацијата на Android програмерите, која од јануари почнува да се воведува во сите земји.






































