Фото: Zulfugar Karimov / Unsplash

YouTube го известил каналот All Things Secured дека отстранил линк до официјалната страница на Firefox од едно нивно видео, со образложение дека ги прекршува правилата за спам, измамнички практики и измами. Авторот на каналот, Џош, го сподели известувањето на X, со коментар дека нарекувањето на Firefox „спам“ е „многу валкан начин да се ослободите од конкурентите“.

Станува збор за видеото „Google Alternatives? 6 Ways to Reduce Your Reliance on Google Products“, објавено уште во мај 2020 година, во кое Firefox е препорачан како замена за Chrome. Каналот има околу 437.000 претплатници и е посветен на приватноста и безбедноста на интернет.

Според известувањето, тимот на YouTube ја прегледал содржината и го отстранил линкот https://www.firefox.com/, но не му дал казнена точка („strike“) на каналот, бидејќи авторот „можеби не знаел“ дека тоа е прекршување. Како објаснување е наведено дека на YouTube не се дозволени содржини што водат до страници со спам, измами или други измамнички практики.

Сепак, во описот на видеото линкот до firefox.com засега сè уште стои, па не е јасно каде точно бил отстранет.

Firefox.com е официјалната страница на Mozilla за преземање на прелистувачот, па тешко е да се види како би спаѓала во таа категорија. Иако во известувањето пишува дека „тимот“ ја прегледал содржината, не е познато дали одлуката ја донел човек или автоматски систем. YouTube и Mozilla засега немаат јавна изјава за случајот.

Случајот го пренесоа повеќе технолошки портали, а It’s FOSS напиша дека вакви известувања добиваат авторите особено на видеа за алтернативи на Google. Засега јавно е споделен само овој случај, а каналот Techlore, исто така посветен на приватноста, под објавата одговори само со „и кај нас исто“, без детали.

Вакво нешто е незгодно за Google и поради тоа што компанијата години наназад ѝ плаќа на Mozilla за Google да биде основниот пребарувач во Firefox, а според судската одлука во случајот за монополско однесување тие плаќања можат да продолжат, доколку договорите не се ексклузивни.

Ова не е ни прв пат YouTube и Firefox да се спомнуваат заедно во ваков контекст, по обвинувањата дека YouTube работи побавно во прелистувачи различни од Chrome.

Авторот може да поднесе жалба, а не е познато дали тоа го направил.