
Според информации кои ги објави Марк Гурман од Bloomberg, Apple спроведува значајна реорганизација на својот хардверски оддел, како резултат на спојувањето ги тимовите за хардверско инженерство и хардверски технологии во една обединета целина.
Овој потег доаѓа како дел од пошироката лидерска транзиција во компанијата, каде што досегашниот извршен директор Тим Кук се повлекува, а неговото место го презема Џон Тернус.
На испразнетата позиција за хардверско инженерство доаѓа Џони Сруџи, кој сега е назначен за главен хардверски директор со проширени надлежности.
Според интерен меморандум до вработените, Сруџи веќе го претставил новиот модел на работа кој треба да ја поедностави организациската структура и да го олесни развојот на клучните уреди.
Во рамки на новата поставеност, хардверскиот тим на Apple ќе биде поделен на пет примарни сектори. Секторот за хардверско инженерство ќе биде раководен од Том Мариб, ветеран од индустријата со претходно искуство во Intel. Развојот на сопствени чипови и силициумската технологија ќе биде под Шри Сантанам, додека архитектурата на платформите ќе ја води Тим Милет. За напредните технологии ќе биде задолжен Зонгџиан Чен, а комплетното проектно менаџирање низ целата организација ќе го координира Дони Нордхус.
Оваа структура има за цел да обезбеди подобра интеграција при дизајнирањето на идните модели на паметни телефони, таблети, паметни часовници и уреди на преклоп.
Со оваа одлука, компанијата практично се враќа на централизираниот модел кој последен пат беше користен пред 2012 година под водство на тогашниот хардверски шеф Боб Мансфилд.
Раководството очекува дека обединувањето на ресурсите под еден оддел ќе ја намали внатрешната бирократија и ќе ја подобри ефикасноста во производниот циклус.
Сруџи, кој претходно успешно го водеше развојот на процесорите на компанијата, сега ја добива контролата врз целокупниот хардверски развој, што е показател за стратегијата на Apple да продолжи со тесна интеграција помеѓу сопствените компоненти и крајните производи.






































