Фото: Coursera

Coursera на 11 мај официјално го заврши спојувањето со Udemy, преку трансакција целосно во акции која беше најавена уште во декември 2025. Со ова, двете најголеми платформи за онлајн учење сега се една компанија, со заедничка вредност од околу 2,5 милијарди долари.

Здружениот ентитет достигнува над 290 милиони ученици, 18.000 деловни клиенти и околу 95.000 креатори на содржини, со каталог од над 315.000 курсеви. 

Coursera продолжува да тргува на њујоршката берза под ознаката COUR, додека акциите на Udemy се повлекуваат од NASDAQ.

Грег Харт останува извршен директор на споената компанија, а Ендру Нг, еден од основачите на Coursera, продолжува како претседател на одборот. Харт изјави дека спојувањето претставува почеток на „ново поглавје” и движење надвор од традиционалниот каталог на курсеви, кон тоа што го опиша како прилагодлива платформа која активно ги води корисниците низ процесот на стекнување вештини.

Тоа значи дека покрај самата содржина, идејата е платформата активно да предлага кои вештини му се потребни на корисникот и потоа да го верифицира знаењето преку сертификати што работодавците можат да ги препознаат. Coursera веќе има алатки засновани на генеративна вештачка интелигенција како Coach, Role Play и Course Builder, па обединувањето на овие алатки со огромниот пазар од инструктори на Udemy логично го забрзува развојот.

За корисниците засега ништо не се менува, а сертификатите, претплатите и пристапот до курсевите остануваат исти, а двете платформи продолжуваат да работат паралелно. 

Сепак, јасно е дека следи постепено обединување и персонализација водена од вештачка интелигенција. Спојувањето доаѓа во момент кога, според податоците на Coursera, констатно некој се запишува на курс за генеративна вештачка интелигенција, што доволно зборува за тоа во која насока оди пазарот.