Фото: Collabstr на Unsplash

Европската комисија прелиминарно утврди дека TikTok го прекршува Законот за дигитални сервиси (DSA) поради таканаречениот ефект на „зајачка дупка“ („rabbit hole“) кај препораките. Според Комисијата, „For You“ делот им прикажува на корисниците бесконечна листа персонализирани видеа, дури и кога тие се поврзани со проблеми со менталното здравје и изгледот на телото.

Проблемот, според Брисел, е во начинот на кој работи алгоритамот. Кога корисникот постојано гледа или дава „лајк“ на содржина за слабеење, системот тоа го толкува како знак на интерес и препорачува уште од истото. Комисијата наведува дека ваквата повторена изложеност може да доведе до тага или анксиозност, пониска самодоверба или влошување на постојните нарушувања во исхраната, особено кај малолетните и кај ранливите возрасни.

Комисијата смета дека TikTok не го проценил соодветно овој ризик, а мерките што веќе ги има не се ефикасни. Препораките со поразновидна содржина не ја намалуваат доволно зачестеноста на слични видеа, а копчето „not interested“ можеби не е доволно за да се промени делот, бидејќи алгоритамот повеќе му дава предност на времето на гледање отколку на изборот на корисникот.

Поради ова, во оваа фаза од истрагата Комисијата смета дека TikTok треба да го промени дизајнот на „For You“ делот. Како примери се наведени поголемо потпирање на изричните преференции на корисниците, исклучување на времето на гледање како показател за препораките, подостапни контроли и редовно тестирање на алгоритамот. Изгледа дека Брисел не бара укинување на алгоритамскиот дел, туку промена на тоа што таа го мери.

Сепак, примерот со видеата за слабеење ни изгледа претеран. Нарушувањата во исхраната се сериозен проблем, но кога некој сака да ослабне и гледа содржина за тоа, тоа само по себе не е лоша работа, особено во време кога одредени групи се обидуваат да убедат дека вишокот килограми не е здравствен проблем, а ЕУ и овде покажува склоност да се меша во она што возрасните сами избираат да гледаат. Проблемот со TikTok е многу поголем од тоа дали некој ќе се чувствува лошо поради својот изглед, а тоа е самиот алгоритам што е направен да ги задржи корисниците што подолго.

„Секој пат кога корисникот скрола или дава „лајк“ на видео на TikTok, алгоритамот нуди уште од истото, па ги води корисниците во „зајачки дупки“ од кои не можат лесно да излезат“, изјави извршната потпредседателка на Комисијата Хена Виркунен. TikTok, пак, во изјава пренесена од AP ги нарече наодите „суштински неточни“ и рече дека ја искривуваат архитектурата на платформата и нивната посветеност на безбедноста на корисниците.

Компанијата сега може да ги прегледа документите од истрагата и писмено да одговори, а ќе биде консултиран и Европскиот одбор за дигитални услуги. Ако ставовите на Комисијата се потврдат, таа може да донесе одлука за неусогласеност со казна до 6% од вкупниот годишен приход на TikTok на светско ниво.

Наодите се дел од постапката отворена во февруари 2024 година. Оваа година Комисијата веќе објави прелиминарни наоди за зависничкиот дизајн во февруари и за заштитата на малолетните во јули.

TikTok инаку има проблеми и со други европски регулатори, а Ирската комисија за заштита на податоци минатата година го казни со 530 милиони евра поради GDPR.

Прелиминарните наоди не го прејудицираат исходот, а не е познато кога Комисијата би можела да донесе конечна одлука.