
Лозинки и „API“ клучеви што програмерите ги внеле во командите за кои Claude Code побарал дозвола стојат јавно на GitHub, објави компанијата за безбедност на софтвер Apiiro. Причината е опцијата „Yes, and don’t ask again“ („да, и не прашувај повторно“), која командата ја зачувува за следниот пат, понекогаш збор по збор и заедно со лозинката.
Claude Code во основните поставки бара дозвола пред да ги изврши повеќето команди. Кога корисникот ќе ја избере оваа опција, правилото се запишува во датотеката „.claude/settings.local.json“ во самиот проект, според документацијата на Anthropic. Ако правилото е цела команда, а не шаблон, во датотеката останува и секоја лозинка напишана во неа.
Claude Code ја додава датотеката во глобалните „git“ исклучоци на корисникот, па таа не би требало да заврши во „commit“. Сепак, според Apiiro, оваа заштита важи само на еден компјутер и не стига до датотеката на проектот „.gitignore“. Во 539 од 1.105 репозиториуми со тајни што истражувачите ги проследиле, датотеката ја сменил „commit“ во кој Claude е наведен како коавтор, што тие го толкуваат како знак дека агентот често сам ја внесува во „commit“.
Apiiro пронашле 104.185 копии од датотеката, а 1.122 од нив или околу 1,1%, содржат барем една тајна. Повеќе од третина се пристапи до бази на податоци, меѓу кои 379 лозинки, а има и 43 SSH најави, 42 „токени“ за GitHub, GitLab и npm и 23 AWS клучеви. Компанијата не проверувала дали тие сè уште работат, но една фирма што ја известиле потврдила дека нејзиниот клуч бил активен.
Со постарите верзии на датотеките, заедничките поставки и зачуваните разговори, Apiiro брои вкупно 2.539 тајни во 1.994 репозиториуми. Бришењето на датотеката не помага многу, бидејќи таа останува во историјата на „git“ и во копиите на проектот.
Од 16 агенти за програмирање чија документација ја споредиле истражувачите, Claude Code е, според Apiiro, единствениот за кој е потврдено дека во основните поставки целата команда што корисникот ја дозволил ја зачувува во датотека во проектот. Корисниците го пријавиле проблемот на GitHub уште во август 2025 година, но според истражувачите, пренесени од The Hacker News, сите четири пријави ги затворил автоматски бот, без одговор од Anthropic.
Ова не е прв пат оваа година податоци од Claude да станат јавни, откако во јули разговори и проекти споделени преку јавни линкови се појавија во резултатите на Google.
Препораката е прво да се сменат сите лозинки и клучеви што биле во овие датотеки, па датотеката да се додаде во .gitignore на проектот, а лозинките да се внесуваат преку променливи.
Apiiro продава алатки за безбедност на кодот, па истражувањето е и дел од нивниот маркетинг, но податоците изгледаат доволно сериозно за секој што користи Claude Code да ги провери своите проекти.





































