Минатата недела беше откриено дека Microsoft работи на нова функција за забрзување на Windows 11 наречена „профил со ниска латенција“, која работи така што накратко ја максимизира фреквенцијата на процесорот за да го забрза отворањето апликации, менија и слични активности.
Тестовите на Windows Central покажаа дека функцијата носи навистина забележливо подобрување во брзината на одзив на оперативниот систем.
Сепак, реакцијата онлајн беше изненадувачки негативна. Корисниците ја нарекоа функцијата „мрзливо” решение за проблемите со перформансите на Windows 11, а други критикуваа дека Microsoft требало да го оптимизира кодот наместо да направи вакво „заобиколување”.
Дел од критиките се вистински, но дел се и обично исмевање кое е популарно кога се работи за Microsoft.
Поради тоа, потпретседателот на Microsoft Скот Ханселман излезе на X и им одговори на критичарите. Тој објасни дека сите модерни оперативни системи го прават истото, вклучително macOS и Linux. „Тоа не е ’измама‘; вака модерните системи прават апликациите да се чувствуваат брзо: тие привремено ја зголемуваат брзината на процесорот и приоритизираат интерактивни задачи за да го намалат доцнењето на одзивот”, напиша Ханселман.
Дополнително, тој потсети дека истото го прават и паметните телефони, „константно”. Секое допирање на екранот буди процесорски јадра, ја зголемува работната фреквенција, исцртува слика и потоа се враќа во мирување милисекунди подоцна. „Apple го прави ова и сите го сакате…”, додаде тој, со малку остар тон.
Поентата на Ханселман е дека Windows и претходно делумно го правеше истото, но новата функција „Low Latency Profile” овој процес го прави почест и побрз, што резултира со забележливо подобар одзив низ системот.
Дополнително, Microsoft паралелно работи и на оптимизација на постарите делови од кодот, па не е едното наместо другото.
Јасно е дека Microsoft се обидува да ја врати позитивната перцепција за Windows, а отвореноста на инженерите јавно да објаснуваат вакви технички одлуки е дел од таа стратегија. Тоа е освежувачки пристап што другите големи компании би можеле да го преземат.








































