Програмер со GitHub профилот IainKay минатата недела ја објави Ram-Altman, мала Linux скрипта напишана во „bash“ која следи колку RAM меморија е слободна на компјутерот. Ако се слободни повеќе од 10%, што е стандардниот праг и може да се смени, таа најмногу еднаш на ден праќа е-пошта со реалните бројки, а замислениот примач е извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман.
Шегата е одговор на интервјуто што Алтман го даде за подкастот Cheeky Pint на Stripe кон крајот на октомври. Таму рече дека „од перспектива на глобалната распределба“ е „прилично страшно“ сите да имаат дел од ограничените светски залихи на DRAM во своите компјутери, каде меморијата се користи околу 5% од времето.
Тоа го кажа во разговор за локалното извршување на „AI“ модели, во време кога побарувачката на центрите за податоци ги крева цените на меморијата, поради што и Apple најави зголемување на цените на своите уреди. По критиките, Алтман на X напиша дека изјавата е извадена од контекст и дека сака луѓето да ставаат во компјутерите колку што сакаат меморија, а накратко го смени и името на профилот во Ram Altman, од каде доаѓа и името на скриптата.
Ram-Altman ги чита податоците од „/proc/meminfo“ и како искористена ја смета разликата меѓу вкупната и достапната меморија, па кешот што системот може да го ослободи се брои како слободен. Според авторот, скриптата менува 8 наслови, 10 пораки и 6 поздрави, па пораките не се исти секој ден. Една од нив гласи: „Ве молам, не се вознемирувајте, но на мојата маса има 8,6 GB RAM што не е во центар за податоци.“
Сепак, скриптата не ја содржи адресата на Алтман. Примачот и испраќачот ги внесува корисникот, а без поставена е-пошта таа не праќа ништо. Со опцијата „–dry-run“ само се прикажува пораката што би била испратена, а страницата на проектот ги покажува пораките без инсталирање.
Авторот и самиот предупредува дека една порака на ден од еден човек е шега, а десет илјади се „denial-of-service“ напад со подобар текст. Бара во проектот да не се додава ничија адреса, да се праќа од сопствена вистинска адреса и да се престане ако примачот побара, а за најдобриот начин за уживање во шегата ја препорачува токму опцијата „–dry-run“.
Скриптата засега работи само на Linux.




































