Фото: Sony

Sony ги претстави MDR-3R, нови жични слушалки со USB-C приклучок чиј дизајн е инспириран од MDR-3, слушалките што во 1979 година стигнаа заедно со првиот Walkman, TPS-L2. Според Sony, Walkman и MDR-3 создадоа нов начин на слушање музика во движење.

Компанијата наведува дека речиси половина век подоцна жичните слушалки повторно се откриваат поради едноставноста, бидејќи не бараат полнење ниту поврзување, а тука секако е и подобриот квалитет на музиката. Sony во последните години беше фокусиран на безжичните модели како WH-1000XM6 и премиум линијата 1000X The Collexion, а пред повеќе од еден месец и Bose претстави жични слушалки со USB-C приклучок.

MDR-3R го задржуваат изгледот на оригиналот и доаѓаат со препознатливите сини и портокалови перничиња. Дури и пакувањето и упатството го следат дизајнот на оригиналниот модел, а слушалките го задржуваат лесниот, отворен дизајн, кој според Sony е удобен и при подолго слушање.

Компанијата наведува дека MDR-3R се направени според оригиналните спецификации и ги користат истите звучници од 23 мм како MDR-3, со цел звукот да биде близок до оригиналот. Сепак, Sony додава дека направиле и мали промени за да одговараат на денешните навики при слушање.

Новото е USB-C приклучокот, вградениот микрофон за разговори и контролите на кабелот. Слушалките работат со уреди што поддржуваат „USB Audio Class 1.0“, а Sony предупредува дека, зависно од уредот, системот или апликацијата, ќе треба дополнителни поставки или некои функции нема да работат. Малку иронично, компанијата не препорачува нивно користење со Walkman.

Заедно со основниот модел пристигнува и MDR-3R Stranger Things Edition, инспирирани од слушалките на ликот Макс и од светот „Upside Down“ од серијата на Netflix. Оваа верзија има гравирано лого на серијата, црвени и црни перничиња и посебно пакување.

Според Sony, околу 25% од пластиката во слушалките е рециклирана, а пакувањето на производот е без пластика, со исклучок на премазите и лепилата, иако тоа може да се разликува зависно од регионот.

Во САД MDR-3R веќе се продаваат по препорачана цена од 59,99 долари, а Stranger Things верзијата може да се нарача однапред за 79,99 долари. Во Европа препорачаната цена е 59 евра, односно 69 евра за посебната верзија, а продажбата почнува во ноември.

Не е познато кога и дали ќе стигнат во официјалната продажба кај нас.

Со цена пониска од повеќето безжични модели, MDR-3R изгледа повеќе како производ за носталгичарите и љубителите на серијата, отколку како замена за безжичните слушалки.